Велосипеди, тротинети, ролерки… денеска на 9. „Вози право, вози здраво“

Велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички, скироли и други еколошки превози средства кои не ја загадуваат животната средина ќе се возат денес по скопските улици како дел од настанот „Вози право, вози здраво“. Стартот е во 17 часот кај Порта Македонија, а организатор е Стопанска банка АД Скопје. Ќе се вози низ улиците во центар до Градскиот парк, каде што ќе се организира голема забава со многу музика и лотарија со вредни награди за учесниците.

Само учесниците кои имаат стартни бројчиња ќе учествуваат во извлекувањето на вредната лотарија со многу награди. Оваа година учесниците на „Вози право, вози здраво“ имаат можност да освојат 9 Specialized велосипеди + 1 Specialized електричен велосипед, 9 Garmin часовници + 1 електричен тротинет, 9 сетови за велосипед (кациги и очила) + 1 ваучер од Град Скопје, како и многу други подароци.

„Вози право, вози здраво“ не е натпревар во вештина на возење или брзина, туку настан каде сите се победници бидејќи придонесуваат за промоција на здравите животни навики и користење на еколошки средства за транспорт. Како дел од овој настан, Стопанска банка секоја година донира во проекти за развој на урбаниот велосипедизам во градските средини, а оваа година донацијата ќе биде наменета за изградба на детски вело-парк во Кочани, со што Банката ќе ја поддржи локалната заедница во овој град преку едукација и развивање здрави навики кај најмладите.

Сподели