Друштвото на физичарите на Република Македонија од 26 до 30 јуни 2025 година во Охрид ја организира 7. Балканска олимпијада по физика за средношколци од 17 земји од Европа и Азија. На олимпијадата ќе се натпреваруваат 65 ученици од Македонија, Србија, Црна Гора, Романија, Молдавија, Грција, Кипар, Бугарија, Албанија, Турција, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Киргистан, Казахстан и Туркменистан.
– Бидејќи ДФРМ не доби финансиска подршка за оваа олимпијада од ниту една од надлежните институции во Македонија (Влада, МОН, Министерство за социјална политика, демографија и млади), во последнава година бевме приморани да ги собереме потребните средства преку донации од општествено одговорни лица и организации на кои најтопло им се заблагодаруваме! Останува да се собере уште дел од потребните средства со кои успешно ќе ја организираме олимпијадата и Македонија ќе ја претставиме во најдобро светло пред светот. Затоа замолуваме да ја подржите оваа донаторска акција на ДФРМ организирана преку платформата GoFundMe.com – велат од Друштвото.
Насловна фотографија – Македонскиот тим на 6. Балканска олимпијада по физика за средношколци / Извор: ДФРМ





