Студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола ќе бидат практиканти во Министерството за образование и наука. Студентите ќе учествуваат во извршување на оперативните потреби на министерството и ќе добијат менторска поддршка.
– Ова искуство ќе им овозможи примена на знаењата во реални услови, со што ќе им се помогне во професионалниот развој и подготовката за кариера во ИТ-индустријата. Исто така, ќе бидат вклучени и во реализација на обуки за сајбер-безбедност и примена на нови технологии, наменети за наставници и ученици – велат од МОН.
Тие додаваат дека ја прошируваат соработката со високообразовните институции овозможувајќи учество на студентите во унапредување на дигиталното работење и забрзување на дигитализацијата на образованието. Претходно, МОН склучи меморандум за соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје.
Насловна фотографија: Архива на ФИКТ при УКЛО





