Изложба на фотографии од македонските цркви од 11 до 19 век

Развојот на христијанската иконографија, ликовните изразувања, стилските одлики, вештината и посветеноста на зографите од 11 век до почетокот на 19 век се во фокусот на фотографската изложба „Низ фотографскиот објектив на Македонида“ што ќе биде отворена утревечер во 20 часот во Музејот на град Скопје. Автор на фотографиите е археологот, д-р Мишко Тутковски, археолог, организаторка на изложбата е Гордана Велков, историчарка на уметност од Здружението „Македонида“, а стручен соработник, м-р Владимир Таневски, историчар на уметност.

Изложбата е презентација на фотографии од архивот на Здружението „Македонида“, изработени за книгите: „Seven Mediaeval Churches in the Republic of Macedonia“, „Seven Churches in the Regions of Pelagonia, Mariovo and Prespa“ и „Seven Churches in Ohrid“.

– Значајното културно наследство што го поседува Македонија е резултат на вековните вкрстувања на различни цивилизации. Во поглед на уметничкиот квалитет на ликовната продукција, средновековниот период е најбогат. Развојот на фрескоживописот е презентиран преку најзначајните фрескоансамбли, од катедралната црква на Охридската архиепископија – „Св. Софија“ до манастирот „Св. Наум“ на бреговите на Охридско Езеро. Секоја фотографија од сите цркви зборува за живата историја и духовност која е втисната во ѕидовите на овие свети места. Оваа ликовна сцена, која припаѓа на христијанската уметност, претставува почеток и сведочи за континуитетот на македонската уметност. Уникатните цркви и манастири кои и денес живеат како духовни светилишта на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, се вткаени во македонскиот идентитет – велат организаторите.

Сподели