26 мозаика во период од три месеци изработија учениците од шесто до деветто одделение од ОУ „Ристо Шуклев“ од Негорци, предводени од нивната настаничка по ликовно, Анамарија Митриќеска Кал’чева. Делата на овие вредни деца се изложени во галеријата Амам во Гевгелија, а изложбата има хуманитарен карактер, односно е од продажен карактер и сите средства собрани ќе бидат за помош на настраданите во Кочани.

Мозаикот е одлична активност која комбинира уметност, едукација и личен развој – на забавен и практичен начин.
– Сакам да им се заблагодарам директорката и колегиумот кои имаат трпение и ни овозможуваат услови за работа на вака големи проекти, благодарност и до сите кои ни ги донираа материјалите и овозможија успешно завршување на проектот. Во зависност од големината и изборот, на еден мозаик работеа од 2 до 5 ученика. За нив беше пријатно да работат, од изборот на скиците, па кршењето на плочките, редење, па сè до завршниот дел фугирање и чистење. Ваквите активности ги развиваат когнитивните, социјалните и емотивните вештини, креативноста и естетиката – вели Митриќеска-Кал’чева.

Таа додава дека со вакви настани и активности со децата, тие ќе се научат да ја развиваат способноста за тимска работа.
Изложбата е дел од „Гевгелија – град на културата 2025 година“ и ќе биде отворена за посета до 27 мај.






