Делото на светите Кирил и Методиј е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме.
Токму јазикот и верата нè одржале како народ, дури и кога не сме имале сопствена држава. Во тешките моменти, македонскиот јазик бил нашата татковина, а нивниот труд ги поставил основите на таа татковина. Тие создадоа универзално добро, а Ватикан ги прогласи за Патрони на Европа, рече министерот за култура Зоран Љутков, на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј во Рим.

– Денеска сум во Рим, Италија, како претставник на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј.
Тука сум да ja изразам благодарноста на македонскиот народ кон сесловенските светители и просветители. Чест ми е што присуствував на молебенот во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, со кој чиноначалствуваа владиците Јосиф и Јаков, заедно со претставници од Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Благодарност за писмото и словото што ни ги подарија браќата Кирил и Методиј и почит за нивното визионерство кое го вгради нашиот идентитет во темелите на европската цивилизација – истакна Љутков.







