Јас сум Грк и немам македонско потекло. И со гордост го научив македонскиот јазик

Теориите кои тврдат дека „локалните“ јазици се мешавина од повеќе јазици или содржат елементи од старогрчки дијалект, за жал, се распространети. Уште поиронично е што тие теории се поддржани од познати историчари и лингвисти, рече македонистот Сотирис Минас

Немам македонско потекло. Мојот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен. Тој е плод на подлабока потрага што произлегува од моите сопствени вредности. Од мали нозе чувствував потреба да оспорувам сè што се претставува како очигледно. Не ми беше доволна „официјалната вистина“. Сакав да допрам до коренот на работите и да формирам сопствен суд, вели Сотирис Минас, афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција. Тој учествуваше на манифестацијата „Деновите на поезијата“ што ја организираше на Фондацијата „Ацо Шопов поезија“ во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје. Со Минас разговараше Иван Антоновски, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Тие отворија интересни аспекти за состојбата со македонскиот јазик во Грција.

– Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета никому. Напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа. Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература, сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето. Културната разновидност не претставува закана, туку збогатување. Македонската поезија заслужува да се слушне не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Поезијата не е само за читање, туку и за да нè натера да размислуваме, да чувствуваме и да се разбереме подобро едни со други. Денес постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик – рече Минас.

Тој зборуваше во рамките на програмата „Македонско-грчки поетски координати“ за којшто специјално допатува од Атина. Македонскиот јазик го учел самоиницијативно, вклучително и преку македонската поезија. Минас вели дека неговиот однос кон македонскиот јазик и таканареченото македонско прашање не е случаен. Тој нема македонско потекло. Кога имал 25 години почнал подлабоко да го истражува македонското прашање.

– Преку истражувањето почнав да разбирам колку е изопачена историјата и колку систематски е потиснато постоењето на еден цел народ. А кога, неколку години подоцна, лично ги запознав Егејските Македонци, сè што дотогаш го имав прочитано доби човечка форма. Нивните сведоштва за прогон, страв и репресија ме обележаа. Се чувствував како да слушам приказни за моето сопствено семејство, за моите предци. Таа идентификација беше клучна – објасни Минас.

Од таа емоција се родила љубовта кон македонскиот јазик. Имал длабока потреба да се поврзе суштински со луѓе кои биле потиснувани само затоа што го зборувале својот јазик.

– За мене тоа не беше само јазичен избор, туку беше морална позиција. Помислив, ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по сопствен избор. И со гордост – раскажува Минас.

Иван Антомовски (лево) и Сотирис Минас

Како го проучувал јазикот, дошла на ред и литературата, пред сè поезијата. Открил неверојатен литературен свет, исполнет со емоции, историска меморија и човечка достоинственост.

– Тоа е поезија што заслужува да се слушне, не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето – рече Минас.

Антоновски потсети дека годинава чествуваме и 100 години од „Абецедарот“ и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Тој го запраша Минас за неговиот интерес за историјата на македонскиот јазик, и за историјата на македонската книжевност.

– Издавањето на „Абецедарот“ пред 100 години е многу важен настан во историјата на македонскиот јазик. Иако ова признавање од страна на грчката држава беше ограничено и краткотрајно, сепак останува значаен доказ дека македонскиот јазик постоел и бил институционално признаен, макар и за краток период. Ова признавање, колку и да беше привремено, укажува на постоењето на македонскиот јазик и на идентитетот на Македонците во Грција, и претставува важна пресвртница во историјата на малцинствата во земјата. За жал, издавањето на „Абецедарот“ и ден-денес останува речиси непознато за пошироката јавност во Грција. Иако постоеше повторно издание од издавачката куќа „Батавија“ во 2006 година, малкумина знаат за неговото постоење. Голем дел од грчкиот народ и понатаму верува дека во Грција не се зборува некаков македонски јазик, а дури и луѓето кои го зборуваат, често го нарекуваат „допја“, односно „локален јазик“ — било од незнаење, било од страв, или пак од интернализирана стигматизација – објасни Минас.

Според него, теориите кои тврдат дека „локалните“ јазици се мешавина од повеќе јазици или содржат елементи од старогрчки дијалект, за жал, се распространети. Уште поиронично е што тие теории се поддржани од познати историчари и лингвисти.

– Тоа не го велам за да го клеветам грчкиот народ, и јас сум Грк, туку за да покажам колку влијание може да има државната пропаганда и перењето мозок на народите. Сепак, верувам дека оваа ситуација може постепено да се поправи. Веќе се направени некои чекори, особено со признавањето на македонскиот јазик во 2018 година од страна на грчката држава. Што се однесува до кодификацијата на македонскиот јазик во 1945 година, ја сметам за пресвртница во историјата на македонската литература. Политичката ситуација во Југославија по Втората светска војна беше одлучувачка за признавањето на етничките и јазичните групи, создавајќи институционална рамка што овозможи кодификација на јазикот и, истовремено, развој на современата литература на македонски јазик. Така се роди цел свет на литература со огромна динамика, кој го истакна јазикот како носител на културата. Како македонист и мост меѓу двете култури, сакам пораката која се испраќа по повод оваа двојна годишнина да биде дека културната разновидност не претставува закана, туку збогатување. Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета никому. Напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа – заврши Минас.

Сподели