Возбудливо патување низ сложените лавиринти на авангардните правци

Осврт кон изложбата „Забранетото јаболко“ од академскиот сликар м-р Милош Милосављевиќ, галерија „Метаноја“, Скопје (29.04.2025 − 21.05.2025)

Пишува: д-р Иван К. Заров, историчар на уметност

По релативно кратко време од неговата последна изложба, авторот Милош Милосављевиќ повторно се претставува пред македонската ликовна јавност со нова изложба која го носи загадочниот и семантички двосмислениот наслов „Забранетото јаболко“.

Во градењето на сопствениот ликовен ракопис и идентитет, Милосављевиќ се повикува на хетерогени стилски асоцијации и референци каде можат да се проследат различни влијанија од импресионистички тоналитети, постимпресионистичките сезановски решенија се до експресионистички, кубистички, фовистички моделации и интерференции на фигуративно и апстрактно сликарство, кои авторот понекогаш контекстуално ги поврзува во една целина.

„Бакнеж“

Тематски изложбата е поделена на неколку делови во кои доминираат претстави и варијации на мртва природа, набљудувани и толкувани низ различен стилско-естетски дискурс. На момент изложените дела на Милосављевиќ асоцијативно ни навестуваат возбудливо патување низ сложените лавиринти на авангардните правци на европското современо сликарство од крајот на деветнаесеттиот век сè до дваесеттите години на минатиот век. Всушност ни се потврдува тезата дека сликата и претходи на идејата, а целата историја на уметност е историја на различните начини на визуелна опсервација преку која со нестивнат порив човекот го перципирал, доживувал, обликувал и дефинирал светот.

Тука особено се издвојува композицијата насловена како „Единаесет јаболка“ која асоцира на антологиската композиција на Пол Сезан „Мртва природа со јаболка и портокали“, преку играта со бои и робустен и сугестивен колорит, додека во некои композиции како што се „Дружба“, „Љубичица“, „Лимони“ и „Ваза со цвеќе“ Милосављевиќ се доближува до експресионистичкиот ликовен говор, преку деликатното нијансирање и игра со боите и суптилната фрагментација на композицијата.

„Таа и тој“

На сликата „Мртва природа со автопортрет“, создадена целосно во духот на кубизмот Милосављевиќ повторно со деликатни метафори и суптилни асоцијации кои ја сугерираат неговата внатрешна житејска драма на човек исправен пред вечните и никогаш до крај недефинирани трајни вистини за сопственото битисување сведени на најелементарни дури и примордијални елементи. Во тој дух се и двете композиции „Последен бакнеж“ и „Бакнеж“, како копнеж по изгубениот сопствен внатрешен глас и целосна подвоеност на личноста со сите отворени егзистенцијални отворени прашања и по малку меланхоличен лиризам и патос: Кои сме? Дали љубиме и дали сме љубени?

„Св. Павле во рајот“

Милосављевиќ не нè остава во дилема во следната негово дело „Мојата сопруга и Пит Мондријан“. Ова дело е апологија на љубовта односно композицијата во која двете спротивставени стварности идеално се интерферираат во една целина: онаа трансцендентната и духовна на Пит Мондријан проткаена од мистицизмот и теозофските идеи за идеалната математичка структура на универзумот со јасни геометриски форми во духот на неоплатонистичката филозофија на холандскиот теолог Шунмакерс, каде се аплицираат основните бои: црвена, жолта и сина со црна, бела и сива и онаа топлата и сетилна стварност изразена преку реалистичкиот фигуративен портрет на неговата сопруга со букет во раце.

„Што е постаро?“

Сликата „Што е постаро?“ Милосављевиќ ја обликува преку еден метафизички манир потсетувајќи на моменти на сликарството на Џорџо де Кирико како загатка спротивставувајќи го јајцето како парадигма на Почетокот, на новиот живот, со скулптура на торзото на жена поставено во еден надреален амбиент обвеан со психологизам на неминовност, но всушност алузија на вечната потрага по совршенството.

Единствената слика која по својот карактер отстапува од целокупната концепција на оваа изложба е сликата „Св. Павле во Рајот“, која според ликовната морфологија, верскиот патос и моќниот експресионизам асоцира на некои од делата на следбениците на Караваџо или на шпанските барокни сликари како Рибера, Муриљо и Зурбаран, прикажувајќи го моментот на откровението на св. Павле на совршениот трансцендентен свет на Рајот, недофатлив, кој не се опишува со зборови, туку само духовно се созерцува.

Милош Милосављевиќ создава дела кои го отсликуваат неговиот буен, динамичен и исполнет внатрешен живот, интуитивно одгатнувајќи ги неговите размислувања, напати ведри, напати меланхолични со кои освојува длабоки и многузначни духовни хоризонти.

Фото: Галерија „Метаноја“

Сподели