Научните здруженија што ги организираат учествата на талентираните средношколци на светските олимпијади за првпат ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка во Министерството за образование и наука. До 31 октомври е отворен повикот за намирување на трошоците за котизација и пат за учество на една од 15 меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad) во текот на оваа година. Условите за аплицирање се објаснети во правилникот што вчера го објави МОН, а произлезе од измените и дополнувањата на Законот за средно образование што беа изгласани во Собранието пред еден месец.
Според пропозициите, на повикот може да учествуваат здруженија на наставници кои организираат натпревари на учениците од средните училишта кои имаат активна акредитација од МОН. Министерството ќе ги покрие трошоците за учество (котизација и пат) за најмногу шест ученици и најмногу двајца ментори, чиј број зависи од правилата на организаторите на меѓународната научна олимпијада, во согласност со расположливите средства во Буџетот на МОН. Едно акредитирано здружение може да добие финансиски средства за учество само на една од 15 меѓународни научни олимпијади.
Здруженијата што ги подготвуваат средношколците за светските натпревари досега мака мачеа да обезбедат пари за котизации и за авиобилети. Често се случуваше семејствата на учениците сами да обезбедуваат пари за оваа намена. МОН досега не можеше да им даде финансиска поддршка зашто не беше предвидена според стариот Закон за средно образование.
Повеќе информации на линкот.





