Французинката Софи Џебел Роз утревечер во 21 часот ќе одржи концерт во „Ла кања“ во Скопје. Во рамките на нејзината европска турнеја, таа ќе ја донесе својата волшебна, интимна и бунтовна музика во Скопје најавуваат од „Канал 103“ кои го организираат концертот како дел од серијалот „Нова пролет“ со кој одбележуваат 34 години постоење.
– Нејзиниот звук ги сублимира традициите на француската шансона и мрачната фолк атмосферичност преку авангардна слобода на израз – тоа се песни што ја евоцираат моќта на шумите, водите, годишните времиња, смртта, љубовта и бунтот. Со новиот албум, Софи Џебел Роз нè води на музичко патување кое е воздушесто и длабоко, кревко и сурово. Нејзиното творештво е плод на живот во постојано движење – отфрлање на удобноста како потрага по поетска вистина – најавуваат од „Канал 103“.
Упатените музички хроничари ја паметат и по работата во дуетот An Eagle in your Mind, со кое во 2018 година настапи во скопскиот „Планетариум“ како и во глувата соба на „Канал 103“.
Насловна фотографија: Дизајн – Тања Вукобрат





