„Нови перспективи и апсолутни датуми кај праисториските погребувања во некрополата Мали Дол“ е насловот на предавањето на д-р Александра Папазовска што ќе се одржи денеска во 11.15 часот во Археолошкиот музеј во Скопје. По предавањето ќе биде отворена камерната изложба „Праисториски погребувања – нови пристапи и перспективи“ со оригинални археолошки наоди од Мали Дол кај селото Тремник, Неготинско, кои директно кореспондираат со темите на предавањето.
Папазовска, кустос-советник за железно време ќе претстави нови научни согледувања за значајната некропола кај Мали Дол, преку анализи на 76 истражени гробови и новосоздадена хронологија базирана на радиокарбонски датуми. Резултатите отвораат можности за ново разбирање на погребната практика, социјалната структура и културниот идентитет на оваа заедница.
Насловна фотографија: Архива / Извор: Археолошки музеј





