Во галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ во Сули ан во Старата скопска чаршија вечерва во 20 часот ќе биде отворена 38. изложба на студентска графика „Драгутин Аврамовски-Гуте“. На изложбата учествуваат студенти од сите студиски години на прв и втор циклус студии на Катедрата по графика и трансмедиумски практики. Изложбата ја организираат Факултетот за ликовни уметности од Скопје во соработка со Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“.
На отворањето ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во академската 2024/2025 година, која традиционално ја доделува Фондацијата. Наградата вклучува диплома, еднократна парична награда и можност за самостојна изложба во една од галериите на ФЛУ во текот на следната академска година. Покрај главната награда, ќе бидат доделени и втора и трета награда.
– Изложбата е значаен настан во академскиот и уметничкиот календар, кој скоро четири децении го негува студентскиот креативен израз во областа на графиката – велат од ФЛУ.
Изложбата, во чест на професорот и основач на Катедрата, Драгутин Аврамовски-Гуте, се одржува од 1988 година. Таа го задржува вниманието на младите уметници, академската заедница и љубителите на ликовната уметност. Во изминатите години беше претставена и во просториите на Националната галерија – Чифте амам, галеријата на НЛБ Тутунска Банка и на меѓународни настани во универзитетските галерии во Солун (2015) и Сплит (2019).
Досегашни добитници на оваа престижна награда се: Виолета Чаповска, Валентина Стефановска, Дејан Стојановиќ, Александар Прилепчански, Гордана Даутовска, Оливер Мусовиќ, Весна Величковска, Давид Георгиевски, Милан Андов, Александар Тасески, Александар Димовски, Јован Јовановски, Марија Најденовска, Даниела Јордановска, Гоце Трајковски, Елена Стојанова, Никола Арсовски, Македонка Величковска, Андријана Начевска, Маја Ковачевска, Горан Трпков, Милан Костадиновски, Никола Бојаџиев, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска, Марко Илиевски, Ема Наумоска, Ѓорги Динев, Стефан Младеновски, Дејвид Стоилковски, Југослава Василеска, Стефан Божиновски, Милена Петковска, Евгенија Трајковска и Габриела Живковска.





