Битола викендов доживеа два инспиративни настани – премиерата на монодрамата „Не денес“ на актерот Марјан Георгиевски и настанот „Визија кафе“. Во малата сала на Центарот за култура, актерот Георгиевски упати силни пораки.
„Се гушиме и молчиме. Главните чинители се летаргични во пристапувањето кон прашањето што нèе’ засега сите, а ние едноставно ја прифаќаме нивната рамнодушност без побуна. Јагленот се согорува, јагленот е нашиот тивок убиец, Битола е еден од најзагадените градови во светот, а ние молчиме… Прифаќаме, по цена на живот, облеани со страв, молчиме поради изворот на приходи што ни го носи сулфур диоксидот што го дишеме, но не смееме вака да продолжиме – тоа им го должиме на следните генерации, нагласи Георгиевски.

Водејќи се од лични побуди за состојбата со воздухот во Битола, актерот нагласи дека неговата монодрама е длабока и освестувачка и оти неговата цел била секоја поединец да си ги преиспита постапките и да разбере дека сите ние носиме промени, дека всушност промената започнува од нас, занемарувајќи го постапувањето на другите.
„Битола е наш град, тука растат нашите деца, а ние забораваме дека имаме моќ да направиме промени. Секој збор, секоја постапка во правилна насока ќе ни донесе подобра иднина, но ние мора да се избориме за истата. Дијалогот меѓу „мене и моето срце” е за да го разбудиме во нас „заспаното”, односно да се потсетиме „кои сме и колку можеме”, нагласи Георгиевски.

Истиот ден, во мезе бар „Јагода”, се одржа настанот „Визија кафе”, на кој што битолчани зборуваа за предизвиците на градот и предложија решенија за почиста, поздрава и поразвиена Битола.
„Сите се согласија дека еколошки чиста и економски развиена Битола е обврска како на институциите, така и на сите граѓани. Потребни се и идеи, поддршка и активни граѓани”, истакнаа од „Еко-свест”, Центарот кој ја спроведе иницијативата.
Двата настани се одржаа во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени”, спроведуван од „Еко-свест” со финансиска поддршка од Шведска.





