Stars Symphony на Битолскиот камерен оркестар и Шилер на 20 мај во „Борис Трајковски“

Mузичкиoт настан Stars Symphony ќе се одржи на 20 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Концертот е во организација на Битолски камерен оркестар – IWConnect. Ќе понуди спој на најголемите поп и рок хитови од 80-тите и 90-тите години, како и настап на светски познатиот Шилер со нашиот оркестар. Диригент ќе биде Владимир Димовски. На сцената, покрај Шилер, ќе настапат и: Ана Петановска, Горан Наумовски, Андријана Јаневска, Наде Талевска, Полина Тасева, Викторија Лоба и многу други.

Stars Symphony е продолжение на успешниот проект што минатата година беше реализиран на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола – спектакл кој траеше 7 и пол часа, од 20:00 до 2:30 по полноќ и беше проследен со огромен интерес од над 5.000 посетители. Одлучивме ова уникатно искуство да го донесеме и пред скопската публика, во нешто поразличен формат. Концертот ќе биде поделен на два дела: MTV The Greatest Hits од 80-тите и 90-тите години, кој ќе трае 2 часа и 15 минути, со кратка пауза и вториот дел во кој ќе настапи Шилер заедно со Битолскиот камерен оркестар – рече Димовски.

Дополнително, Ана Петановска и Горан Наумовски ги споделија своите впечатоци.

-Сакам да изразам огромна благодарност до Владимир што повторно сум дел од овој проект. Многу ми е драго и чест ми е што учествувам. Овој пат ќе има уште поинтересен материјал во однос на репертоарот – мислам дека сите ќе се пронајдат во таа магија и носталгија, исто како и јас. Ова е едно одлично искуство каде што ги спојуваме МТВ хитовите и Шилер Симфонијата – рече Петановска.

За Наумовски, Битолскиот камерен оркестар и диригентот Димовски се големи професионалци и ентузијасти.

-Секој настан во кој сум бил вклучен со нив бил исполнет со позитивна енергија. Ова е тим од луѓе кои ја сакаат и живеат музиката, и сигурен сум дека сите присутни ќе ја почувствуваат таа енергија на концертот – рече Наумовски.

Шилер во своето видеообраќање до македонската публика додаде:

Навистина ми е задоволство што повторно сум во Македонија, само десет месеци по мојата последна посета. Последен пат бев тука во јули и сега сум повторно во Скопје и многу сум среќен што сум дел од овој неверојатен проект. На прашањето дали ова ќе биде единствениот концерт или ќе има и други проекти, сакам да кажам дека се надевам дека ќе има уште многу концерти во Македонија, затоа што ја сакам земјата, ја сакам храната, ги сакам луѓето и секако, ја сакам музиката. Можеби во иднина ќе има уште шанси да се вратам и повторно да настапам, се надевам повторно со Битолскиот камерен оркестар, а можеби и други можности ќе се отворат. Секогаш сум љубопитен и сакам да патувам. Едвај чекам да се вратам овде повторно за неколку недели. Ви благодарам многу.“

Билетите се достапни онлајн на следниот ЛИНК.

Сподели