На штандот на „Три“ денеска во 13 часот ќе биде промовирана книгата „Наспроти мојата животна филозофија“ од Патриша Марш-Стефановска. Таа е авторка на историска фикција и публицистика, како и преведувачка, меѓу другото и на драмите на Горан Стефановски на англиски јазик. „Наспроти мојата животна филозофија“ е нејзината прва книга објавена на македонски јазик.
Секој човек во животот доживува работи што го надминуваат „познатото“ и „разумното“ гледање на нештата. Соочена со аномалиите во светот и со многу необични лични доживувања, Патриша Марш-Стефановска раскажува за феномените на духови, претчувства, телепатија на болка, пророчки соништа, полтергајст, јасновидост, хиромантија, зачудувачка коинциденција и, најстрашното од сѐ, истовремено присуство на две места.
Оваа книга нема три чина, туку стои рамо до рамо со театарските изведби на кои се играат животите на генијалните умови. Сведоштво за животот на Патриша и Горан Стефановски, трагачи по смислата на тоа што значи да се биде вистински слободен човек.





