На Филозофскиот факултет во Скопје денеска во 11 часот ќе се одржи 52. Државен натпревар по класични јазици за учениците од гимназиите и средните училишта од Македонија. На натпреварот учествуваат ученици од средните училишта од цела држава и тие ќе се натпреваруваат во три категории според јазикот, степенот на изучување на јазикот и според струката: почетно ниво латински јазик за гимназија и за здравствена струка почетно ниво старогрчки јазик за гимназија.
Натпреварите ги организира Здружението „Антика“ и Институтот за класични студии, а финансиски ги поддржува Филозофскиот факултет. Во организацијата активно учествуваат професорите и студентите од Институтот за класични студии.
– За време на натпреварите здружението „Антика“ вообичаено го одржува своето Годишно собрание. Здружението постои од мај 2001 година. Тоа е здружение на професионалци и студенти кои се занимаваат со истражување, унапредување на образованието и наставата по класичните јазици и литература, преведување на дела од класичните автори, негување
на античкото наследство во нашата земја и популаризација на класичната филологија – велат од „Антика“.
Од 2004 година здружението е член на Европската асоцијација за класични јазици и цивилизации „Еврокласика“ која претставува федерација на национални здруженија
на професори по класичните јазици од европските земји, а од 2014 и на Меѓународната федерација на здруженија за класични студии (FIEC). Здружението го издава електронското списание Systasis ( www. systasis. org).





