Повеќе од 65 издавачи и 110 промоции ќе има на 37. издание на Саемот на книга, кој ќе се одржува од 8 до 14 мај во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје, под слоганот „Храна за душа“. Саемот ќе биде отворен свечено на 8 мај на пладне, а секој нареден ден ќе биде отворен од 10 до 20 часот, освен на последниот ден, кога ќе биде отворен до 18 часот. Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот.
-Како што на телото му е потребна здрава храна, така и на умот му е потребна здрава мисла за правилно да функционира. А книгите ја имаат уникатната моќ да ни ја нахранат душата. Оттаму и доаѓа инспирацијата за овогодинешниот слоган ‘Храна за душа’, кој уште еднаш потенцира дека Саемот е место на инспирација, на нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги – рече Даниела Глигоровска, извршна директорка на Скопски саем.

Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област“, додаде таа.
Љубителите на модерната литература ќе уживаат во дружењето со популарниот германски писател Себастијан Фицек, кој е еден од најважните современи автори во неговата земја и општо во Европа. Како и секоја година, организирани се и голем број активности за најмладите љубители на книгите. Викендот на 10 и 11 мај е предвидена богата програма со маскоти, едукативни и креативни работилници, забава и многу други активности кои ќе им ги отворат видиците на најмладите.
Годинава национално претставување ќе има Србија преку нивното Министерство за култура на Србија, а ќе се претстави и „Гете институтот“ во соработка со Амбасадата на Германија.
Проект-менаџерката на Саемот, Сања Кондарко истакна дека се очекува одговор од ЈСП „Скопје“ за и годинава да се воведат специјалните автобуски линии со број 100 и 200 кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче до салата.
Цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница – 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител. Со секоја купена влезница Саемот на книга ќе донира 15 денари на СОС детското село.





