Себастијан Фицек, авторот на „Девојката со свеќа“ и „Мимики“, доаѓа во Скопје

Во година во која слави 15 години постоење, издавачката куќа „Сакам книги“ во Скопје ќе го донесе Себастијан Фицек, еден од
највлијателните и најчитани современи германски автори, господарот на психолошкиот трилер, чии книги ја освојуваат светската публика со бескомпромисна длабочина и незаборавна напнатост.

Фицек ќе биде специјален гостин на Саемот на книга 2025, каде на 10 мај, ексклузивно ќе ги претстави своите две нови книги преведени на македонски: „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Тој ќе одвои време и за лична средба со читателите, потпис, разговор и
споделување инспирации, што го прави овој настан историски пресврт за македонската книжевна сцена.

„Не постои ништо поубаво од тоа да се запознаеш со твоите читатели, и тоа во град како Скопје, каде љубовта кон книгите е толку жива“, изјави Себастијан Фицек по повод посетата.

Препознатлив по тоа што трилерите не ги гради според шаблон, туку пишува со срце на психолог и острина на скалпел, Фицек нè води низ теми што вознемируваат и инспирираат. Романот „Девојката со свеќа“ (Das Kalendarmädchen) е приказна за потиснати вистини, болка од минатото и трка со времето — дело што ве остава без здив. А „Мимики“ отвора нова врата во психолошката
анализа и играта на лица, маски и вистини.

„Да се донесе Фицек во Скопје беше речиси невозможна мисија на која работевме со години наназад, само затоа што знаевме колку нашите читатели го посакуваат тоа. И не се откажавме од обидите, токму заради нив. Нивните желби ни се ѕвезда водилка во сѐ што правиме овие 15 години. Посетата на Себастијан Фицек е признание за сите љубители на книгите во Македонија“,
вели Ивана Спасев, уредник во „Сакам книги“.

Гостувањето на Фицек е круна на јубилејот – „15 години Сакам книги“, издавач кој печати приказни и претставува движење што создава навики, гради светови и поттикнува дијалог преку литературата. Слоганот „15 години печатиме среќа“ ја носи тежината на искуството, љубовта и страста што стојат зад секој превод, секој наслов, секој контакт со читателите. Како што велат од „Сакам книги“: „Нашата мисија отсекогаш била едноставна, но длабоко значајна – да ги донесеме најдобрите приказни од светот, преведени со љубов и објавени со грижа за секој детал.“

Сподели