Во рамките на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Амбасадата на Македонија и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, организираат пригоден настан вечерва во 19 часот. Настанот е во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.
Во рамките на настанот ќе биде претставена работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.
Настанот ќе биде збогатен и со ,,Вечер на македонска поезија“, проект на издавачката куќа ,,Восток“ при што ќе бидат претставени современи македонски поети со цел запознавање на хрватската читателска публика со современите текови на македонската поезија. Авторите ќе читаат на македонски јазик, а на хрватски јазик нивната поезија ќе ја интерпретираат студенти од Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека. Македонскиот културно-информативен центар во Загреб за овој настан подготви и
репрезентативна пригодна изложба со наслов, ,,Македонска книжевна стерна“, на публикации поврзани со македонскиот јазик и неговата кодификација, како и публикации од авторите учесници на поетското читање.





