Oд утре до 15 мај Булевар на книгите пред „Матица македонска“

Продолжуваме со нашата мисија за афирмација и популаризација на книгите на македонски јазик кај читателите. 300 наслови ќе бидат со попуст до 70 отсто, велат од „Матица македонска“

„Книга во секој дом“ е насловот на акција на „Матица македонска“ која од утре до 15 мај ќе важи и за нарачи преку е-книжарницата на „Клуб Матица“. Акцијата се поклопува со периодот кога во земјава почнува и чествувањето на 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.

– Продолжуваме со нашата мисија за афирмација и попуаризација на книгите на македонски јазик кај читателите. До 15 мај 300 наслови ќе бидат со попуст до 70 отсто, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите ќе се одржуваат и средби со писатели и промоции на нови книги – велат од издаваштвото.

Попустот ќе се однесува и на најактуелни изданија, со голем избор од илјадниците автори, книги и приказни и од домашната продукција и од светската книжевност. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија ќе бидат овозможени во книжарницата на „Матица македонска“.

– Читателите ќе имаат можност и да се сретнат и да разговараат со автори и од Македонија, и од странство, при што одделни средби ќе бидат организирани со дел од најчитаните и најреномирани писатели, додека промоциите во книжарницата на Булеварот на книгите ќе бидат посветени на најновите и ексклузивни книги објавени во оваа година – велат од „Матица македонска“.

Во вторник (6 мај) за првпат пред македонската читателска публика ќе биде промовирана и книгата „Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист и редок познавач на балканските состојби, Златко Крамариќ, којшто во Македонија ќе допатува токму по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.

– Години наназад „Книга во секој дом“ потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа. Со оваа манифестација, во изминатите 25 години се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик со што домашните библиотеки стануваа сѐ побогати со македонски изданија – велат од „Матица македонска“.

Според нив, во 2000 година книгите на македонски јазик биле застапени со само 7 отсто од вкупната продажба, во одреден период. Денес македонската продукција е застапена со огромни 83 отсто, а бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ е зголемена за повеќе од 40 пати.

– Мотивирани сме и подготвена годинава, кога се чествуваат осум децении од кодификацијата на македонскиот јаѕик, на читателите да им овозможиме низа настани и исклучителен избор на наслови и автори, со вонсериски ниски цени, само со една цел – книга и од најновата продукција на македонски јазик да има во секој дом.

Сите настани во рамките на манифестацијата ќе бидат од отворен карактер како и вратите на „Матица македонска“ кои ќе бидат отворени за сите читатели на Булеварот на книгите.

Сподели