Светот денес го одбележува 3 Мај, Светскиот ден на слобода на медиумите. Овој ден е прогласен за таков на Генералното собрание на Обединетите нации во 1993 година. Македонија е рангирана на 42. место од вкупно 180 земји на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024, што е за шест позиции подолу од минатата година.
Оценката на „Репортери без граници“ во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
-Како најалармантно го сметаме финансирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ. Според „Репортери без граници“, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од т.н СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура – велат од ССНМ.
Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.
– Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер – велат од Синдикатот.





