Изложба на тема: Насилство врз жените во јавниот транспорт

„Транспорт и жени“ е насловот на мултимедијалната изложба приредена од Верица Тенекеџиева која денеска во 19 часот ќе биде отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Изложбата е на тема насилство врз жените во јавниот транспорт и се стреми да даде глас на сите кои некогаш искусиле каков било вид на вознемирување и малтретирање во јавен транспорт.

– Преку активно истражување и собирање на приказни и сведоштва на темата, стигнавме до заклучокот дека оваа појава не е нималку ретка, а нештата малку се промениле во последните 15 години. Но, чувствата кои е појавуваат како последица се истите – велат организаторите.

Делата се базирани на приказните од истражувањето и се насочени кон пресоздавање на опишаните чувства. Со помош на визуелна уметност да им се даде глас и платформа на жртвите на таков вид на насилство.

Приказните се собрани преку активно истражување и интервјуа, извршени со помош на „ОснаЖене“ од Белград и „Ирида“ од Нови Сад како и од извадоци од претходни истражувања на „Реактор-Истражување во акција“ од Скопје. Во реализацијата на делата учествуваат и: Матјо Дервенков, Ивета Ставрева, Катерина Јовановиќ и Ружица Несторовска.

Проектот се реализира со поддршка од RYCO/Регионалната канцеларија за младинска соработка.

Сподели