Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, вечерва во 20 часот на малата сцена на Филхармонијата ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На програмата се делото за виолина и оркестар и Симфонија бр. 7 од Лудвиг ван Бетовен. Целокупниот приход од билетите ќе биде дониран на Црвениот крст, во фондот за помош на семејствата настрадани во пожарот.

Симовиќ изрази огромна почит кон студентите со кои ќе настапи, како и кон самата институција.
– Кога влегов во просториите на институтот, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност. Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот, ќе придонесеме барем малку да донесеме утеха на нивните семејства – изјави Симовиќ.
Настанот е организиран од институтот „Фејмс“, кој веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво.
– Почнавме со визија да создадеме простор каде што ќе се спојат креативноста, образованието и глобалната музичка индустрија. Денес сме горди што студенти од 27 земји доаѓаат во Скопје да учат, да создаваат и да се поврзуваат“, истакна Од Насју Мапа, основачка и извршен директор на „Фејмс“. Таа додаде дека успехот на институтот е резултат на посветената работа и поддршката од европските фондови.
Уметничкиот директор на „Фејмс“, Маја Чанаќевиќ, ја потенцираше исклучителноста на вечерашната концертна програма.

Од Насју Мапа, основач и извршен директор на „Фејмс“
– Ова е навистина голема прилика за нашите млади музичари да ја споделат сцената со еден од најдобрите виолинисти денес. Ги повикувам сите љубители на класичната музика да дојдат и да поддржат една прекрасна музичка и хуманитарна приказна.
Институтот „FAME’S“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.





