Предавање на Кристоф Тун-Хоенштајн во МСУ

„Регенеративна уметност во зачетокот на вештачката суперинтелигенција“ е темата на предавањето што ќе го одржи Кристоф Тун-Хоенштајн задутре (28 април) во 19 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје.

Во својата долгорочна, десетгодишна прогноза, извештајот за глобални ризици (Global Risks Report) за 2025 година ги наведува најсериозните закани денес: екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот и колапс на екосистемите, критична промени на земјените системи и намалување и недостиг на природни ресурси. На следните две места се рангирани дезинформациите и штетните последици од технологиите на вештачката интелигенција.

– Уметноста е слободна, но тоа не ја ослободува од одговорноста. Како заедница, не очекуваме самокритички осврт на климатската криза, биодиверзитетот и еколошките дистопии. Она што навистина е потребно е уметничка имагинација – визија што ќе нè инспирира како би изгледал еден регенеративен свет и како да стигнеме таму. Додека вештачката генеративна интелигенција (AGI) и идната суперинтелигенција сè повеќе го обликуваат нашето секојдневие, се потпираме на уметничката интелигенција да нè води во односот со технологијата и да го прикаже нејзиниот потенцијал за создавање регенеративна иднина – вели Тун-Хоенштајн.

Кристоф Тун-Хоенштајн е автор и куратор кој работи на пресекот на ликовната уметност, медиумите, дизајнот, архитектурата, како и на теми поврзани со екологијата, климатските промени, регенерацијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција. Откако студирал право, политички науки и историја на уметноста на Универзитетот во Виена, Тун-Хоенштајн започнал кариера во австриското Министерство за надворешни работи, работејќи во Абиџан, Женева и Бон. Од 1999 до 2007 година бил директор на Австрискиот културен форум во Њујорк. Од 2022 до 2025 година ја извршувал функцијата генерален директор за меѓународни односи во културата во истото министерство.

Помеѓу 2007-2011 година, Тун-Хоенштајн бил генерален директор на Креативната агенција на градот Виена. Од 2011 до 2021 година, ја извршувал функцијата генерален и уметнички директор на МАК – Австрискиот музеј за применета уметност во Виена. Тој е основоположник на Виенското биенале за промени, кое го курираше од 2014 до 2022 година. Исто така го иницира Виенско биенале за климатски промени кое за прв пат се одржува во 2024 година. Лани ја објавил книгата „Климатска резонанца: Преобликување на нашиот живот и на економската култура“. Неговата актуелна работа се фокусира на достоинството на природата, интелигентните „машински ентитети“, како и на холистичката регенерација и регенеративните уметности во зачетокот на вештачката суперинтелигенција.

Сподели