Шекспир треба подлабоко да се изучува во училиштата

„Тивериполско филмско пладне: Шекспир за сите“ беше настанот што се одржа завчера во Europe House во Струмица, од сферата на филмската писменост. Токму на роденденот на великанот Вилијам Шекспир (1564 – 1616), организаторите од „Астерфест“ на овој голем датум за европската и светската литература и уметност потсетувајќи се на значењето на делата кои се повод за најпознатите адаптации.
Шекспир е преведуван на многу јазици и пространства и отсекогаш бил инспиративен и актуелен, како еден од најадаптираните писатели во филмскиот и ТВ-медиумот.

За оваа пригода посебен осврт имаа проф. д-р Мимоза Рајл и проф. м-р Гоце Ристовски, кои зборуваа за значењето на Шекспир за денешнината, за едуцирањето на младите генерации врз примерите на Шекспир, за поуките и мудростите кои зрачат од неговите дела, за предизвиците од драмите преточени на македонски, како и за потребата од подлабоко изучување на Шекспир во училиштата, токму со проекции на филмови создадени според неговите дела.

Овој пладневен настан беше збогатен со проекција на три исклучителни кратки филма, кои биле дел од програмата на „Астерфест“: „Кралот Џон“ на Џон Ласт (9 мин., Велика Британија), „Доверба“ на Јулијана Нојхубер (8 мин., Австрија) и „Шекспир за сите“ на Ханес Рал (3 мин., Германија). Избраниот филмски триптих го најави проф. д-р Горан Тренчовски, директор на „Астерфест“. Во првиот филм со извонредна актерска игра е визуализирано парче од позната историска драма, вториот е слободно преточување на мотивите од „Отело“, а третиот е духовито анимиран шекспировски омаж, кој покажува дека делата на Шекспир се безвременски. Овие наградувани филмови, меѓу другото, потврдуваат дека современите филмски автори мошне успешно ги адаптираат драмите на Шекспир – низ оригинален пристап, со впечатлива симболика и динамични слики.

Настанот е дел од циклусот „Најдоброто од Астерфест“, во сезоната кога одбележуваме 20 години постоење на овој филмски фестивал.

Сподели