Промоција на „Приказни за истражувачи“ – книга со биографии на 16 фантастични историски личности

„Приказни за истражувачи“ е насловот на книгата на биографии на 16 фантастични историски личности ќе се одржи вечерва, во 19.30 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Текстовите на македонски јазик ги преведоа осуммина студенти од Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, под менторство на проф. д-р Мира Беќар. Книгата е издание на „Чудна шума“.

– „Приказни за истражувачи“ е можност да се потсетите на достигнувањата на дел од најголемите гении на човештвото – Галилео, Њутн или Александар фон Хумболт, но и можност да се запознаете со чудесните подвизи на некои помалку познати, но исклучително заслужни историски личности, како на пример Германката Каролина Хершел, која денес е запаметена како откривач на осум комети иако била неписмена слугинка до 22 години. Или англиската природоилустраторка Маријана Норт, која самостојно ги пропатувала сите континенти за внимателно да наслика што е можно повеќе од егзотичните богатства на природниот свет.

Уникатно сведоштво на духовно-технолошкиот прогрес од последниве пет века, „Приказни за истражувачи“ е книга-повик, која не само што кани на љубопитно преиспитување на историјата туку нуди и патоказ кон потемелно разбирање на сегашноста, како и возбудлив поттик да се подобри, унапреди и разубави иднината – велат приредувачите.

Текстовите од англиски на македонски јазик ги преведоа: Ана Илиева, Ана Маркоска, Елена Кузмановска, Ѓурѓица Панова, Максим Јордански, Марија Краљевска, Симона Шурбановска, Софија Ставреска. Во книгата се застапени приказни за: Фернандо Магелан, Франсиско де Орељана, Галилео Галилеј, Исак Њутн, Каролина Хершел, Бенџамин Томпсон, Жорж Кивје, Александар фон Хумболт, Хамфри Дејви, Чарлс Лајл, Луј Агаси, Марија Мичел, Џон Хенинг Спик, Маријана Норт, Кристина Розети и Томас Едисон.

Сподели