На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии, најави Ѓорѓи Цуцковски
Пијанистите Клер Хуангчи, Михаил Пљетњов, Лукаш Вондрачек, виолинистите Вадим Глузман и Џек Либек, виолончелистот Даниел Мулер Шот и легендарната кастањети-уметница Лучера Тено во дует со харфистот Хавиер де Маестре се дел од реномираните уметници што ќе ги види македонската публика на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“. Отворањето е традиционално, на 12 јули на Античкиот театар со концертот „Трансформација на сетилата“ со диригентот Едвин Оутвотер диригент, американската пијанистка Клер Хуангчи, оркестарот на Македонската филхармонија и Рафаел Карико, визуелен дизајнер. Програмата вчера ја претставија министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски.
– На Античкиот театар ќе приредиме исклучително музичко-визуелно доживување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии. При конципирањето на програмата запазени се највисоките критериуми на фестивалот и со гордост го најавувам кремот на светската музичка елита во Охрид. Особено сум горд на гудачкиот квартет на кралскиот Концертгебау од Холандија и на оркестарот Симфониета ди Болоња како претставници на најпрестижните национални оркестри во светот воопшто – рече Цуцковски.
Фестивалот вклучува претстава за деца и два џез-концерта – на охридскиот уметник Дамјан Пејчиновски и на Националниот џез оркестар со големата ѕвезда Шеон Кути. На 3 август ќе биде изведен мега-спектаклот „Кармина бурана – симфонија на битовите“ на повеќе од 70 уметници на сцена заедно со познатиот електронски дует IDQ од Србија. Со овој настап ќе почне одбележувањето на роденденот на фестивалот, кој на 4 август ќе биде прославен онака како што и е формиран, со рецитал на оперска пејачка.
– На првото издание на Охридско лето настапила Ана Липша-Тофовиќ, а сега ќе биде со нашата примадона со најголема интернационална кариера и бисерен глас, Ана Дурловски – рече Цуцковски.
Според Љутков, Охридско лето е едно од најзначајните културни случувања во нашата земја – симбол на културната зрелост на нашата држава, на отвореноста кон светот, на врвната уметност и културен амбасадор на нашата земја.
– Охридско лето е и голем двигател на туризмот, фестивал, кој не само што промовира културата, туку и го поттикнува културниот туризам, ја јакне економијата и ја позиционира Македонија на културната и туристичка мапа на Европа и светот. Илјадници посетители, туристи, љубители на културата, уметници и медиуми доаѓаат во Охрид да го почувствуваат спојот на уметноста, природата и историјата – рече Љутков.
Селекторката на музичката програма, Симона Ѓорчева најави 29 настани со повеќе од 300 уметници од САД, Кина и од Европа. Целта е да се создаде платформа за културна размена на врвно ниво, со уметници чиј втор дом се најреномираните светски концертни сали.
Според селекторот на драмската програма, Ненад Витанов, публиката годинава ќе проследи мозаик од најразлични жанрови и стилови, уникатни креации на врвни актери, иновативни и современи читања на класични и современи дела на светскиот театар.
– Ќе бидат одиграни две премиери – „Амадеус“ во продукција на Турскиот театар од Скопје и театарската претстава „Рута“ во продукција на Драмски театар. Европска премиера ќе има и претставата „Електра“ во продукција на Театарската асоцијација од Јужна Кореја и Охридско лето. Најмладата публика ќе ужива во театарската претстава на „ОХО продукција“, а сите уживатели на театарот ќе имаат можност да ја видат претставата „12“ во продукција на Македонски народен театар. Ќе биде изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов – најави Витанов.
Охридско лето се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот. Годинашна тема на фестивалот е „Уметноста трансформира“ што укажува на моќта на уметноста да го променува општеството, да инспирира и да создава нови перспективи. Охридскиот паун, препознатлив симбол во македонската култура и традиција, ќе биде идејно решение за 65. фестивалско издание, изработено во соработка со маркетинг-агенцијата „Идеа плус“.





