Новите технологии во фокусот на 21. издание на Танц фест – Скопје

Фестивалот ќе биде отворен на Меѓународниот ден на танцот, 29 Април во Македонскиот народен театар

На Меѓународниот ден на танцот, 29 Април ќе почне 21. издание на Танц фест – Скопје. Фестивалот ќе биде отворен во Македонскиот народен театар во 20 часот, со читање на пораката од Адријана Данчевска-Ровчанин, авторка на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот. Традиционално ќе биде врачена наградата „Менада“ која годинава ја доби Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера. Отворањето ќе биде збогатено и со краток перформанс на UCSB Танцова компанија од Санта Барбара, Калифорнија која е всушност вовед во целосната изведба нивната продукција „Рефракции – гласови на светлината и темнината“ која ќе биде изведена во среда (30 април) во Младинскиот културен центар во Скопје.

Кулминација на вечерта ќе биде светската премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“, со што ќе биде одбележан 45-годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на Рисима Рисимкин.

Танц фест – Скопје годинава го става фокусот на врската помеѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Во рамките на оваа програма, ќе бидат претставени три клучни проекти:

Ringside – проект кој користи технологија на виртуелна реалност (VR) за снимање и прикажување на изведбите на групи гледачи во опуштена, поинтимна атмосфера преку VR очила. Секој гледач секогаш има најдобро место во салата и може целосно да ја доживее изведбата, седејќи речиси на дофат до изведувачите.
Stage360 – нова форма на сценска изведба — виртуелно доживување на претстави преку VR очила, снимени со 360° камера поставена во самото срце на сцената. Ова создава нов начин на гледање и приближување на современите сценски практики до нова публика. Ова е иновативно и
интерактивно уметничко искуство што гради мост помеѓу минатото и иднината на сценската уметност.

– LuminAI: танц и вештачка интелигенција – интерактивна уметничка инсталација на д-р Милка Трајкова од Институтот за технологија Џорџија, САД. Иновативниот проект развиен од Georgia Tech, кој овозможува интерактивна импровизација меѓу човекот и вештачката интелигенција преку танц. Учесникот танцува пред екран, додека виртуелниот партнер – воден од ВИ ги следи, анализира и им одговара на движењата со свои импровизирани гестови. Проектот ја истражува креативната соработка меѓу телото и алгоритамот, отворајќи нови можности за уметничка експресија и перформанс во дигиталната ера.

Програмата на фестивалот дава фокус и на домашните и младите уметници, кои годинава ќе ги претстават соработките со Скопје танцовиот театар: „Вортекс – Одисеја“ и „Мокументари“ на Адријана Данчевска-Ровчанин; „Exo на Баронот“ на Дејан Битровски и соработката со кореографката Џилда Цесарио од Италија – „Несовршен превод“.

Фестивалот ќе биде затворен на 13 мај со извонредната интерактивна кореографска претстава „Myselves“ на K-Dance, пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност. Оваа уникатна изведба ја истражува врската помеѓу танчарот и неговите повеќе „јас“, инкорпорирајќи самостојни и непредвидливи визуелни и звучни ефекти, кои ги пресликуваат емотивните и психолошките состојби на танчарот преку сензори за движење и оптичка анализа.

Поддржан од „Интерарт“ и од Францускиот институт во Скопје, овој настан носи уникатно уметничко искуство кое ги брише границите меѓу телото, технологијата и емоцијата.

Целата програма на фестивалот на линкот. 

Сподели