Проекција на „Три дена во септември“, македонско-косовска продукција во режија на Даријан Пејовски ќе се одржи вечерва во 19 часот во Кинотека на Македонија. Сценариото е на Пејовски и Игор Иванов-Изи, а играат: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал.
Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од нејзиното детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, сѐ додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери нa двете жени… Ова е дебитантски филм на Пејовски кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада во 2015 година. Потоа беше прикажан на фестивалите во Чикаго, САД, и во Котбус, Германија.
Во 21 часот ќе биде прикажан „Јас сум Френк“ во режија на Метод Певец. Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Македонија, Србија и Хрватска. Сценариото е на Певец и Иво Трајков, а улогите ги толкуваат Јанез Шкоф, Валтер Драган, Катарина Час, Мојца Парљич, Ања Новак, Силва Чушин. Неочекуваното наследство од нивниот татко предизвикува спор меѓу двајца браќа. Френк е бунтовник кој сè уште се колне во солидарноста и „старите вредности“, а неговиот брат Рајко е типичен пост-транзициски тајкун. Копродуценти (малцинска македонска копродукција) на овој словенечки филм се Светозар и Корнелија Ристовски, а во постпродукциската фаза учествуваа неколку домашни креативци, меѓу кои и Атанас Георгиев како супервизор-дизајнер на звук.





