Ќе направиме, т.н, Музеј во движење на тројца автори од Прилеп: Благоја Ристески-Платнар, Благоја Спиркоски-Џумерко и Кирил Ристески. Сметам дека тоа е одговорот на Фестивалот што може да се прави во, условно речено, креативни времиња и предизвици кои ќе нѐ следат. Имаме можност и моќ да покажеме дека Прилеп отсекогаш бил театарски град, дека има и ќе има театарски уметници кои го водат македонскиот театар, вели Стојаноска.
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ја следи ситуацијата со сцените што ги изнајмуваме за потребите на нашиот фестивал во Прилеп. Сметаме дека здравјето, безбедноста и сигурноста на сите вклучени во организацијата на нашиот Фестивал, како и на нашата публика се најважни. Сакаме да истакнеме дека фестивалот ќе се одржи во Прилеп, откако ќе имаме потврда за сигурноста и исправноста на сцените на кои ќе се случува фестивалот. Му даваме поддршка на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп во напорите да се обезбедат најдобрите услови за работа, изјави Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Таа дополнува дека фестивалот е плод и на добрата соработка со Министерството за култура и со Општина Прилеп и уверени сме дека сите имаме иста мисија – да направиме најдобро што можеме, секој во своето поле, фестивалот да се одржи во градот што го заслужува. Фестивалот е закажан од 6 до 13 јуни, но доколку треба да се почека за да се надминат сите технички предизвици во Центарот за култура, фестивалот може да биде и поместен.
– Како и изминатите две години, и годинава ќе освојуваме и нови простори за театарски претстави во нашата намера Прилеп да е град – театар. Истовремено, сакаме уште еднаш да апелираме да се изгради нова театарска зграда во Прилеп. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп е основан во Прилеп и ќе се одржува во Прилеп, според четиригодишната програма на уметничката директорка Ана Стојаноска, насловена „Враќање дома“. Прилепската публика го заслужува својот фестивал и ќе направиме се’ што можеме и оваа година да продолжи нашата заедничка дружба.
Пред околу еден месец Инспекторатот при Дирекцијата за заштита и спасување, поради повеќе безбедносни пропусти, ги забрани за приредби, манифестации и претстави салите во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и во Народниот театар „Војдан Чернодрински“. Стојаноска ги отфрла шпекулациите дека фестивалот ќе се преместел во друг град.
При неодамнешната посета на Прилеп, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на новинарско прашање за затворените сали во Прилеп и како тоа ќе влијае на фестивалот, нагласи дека до почетокот на Фестивалот ги бидат отстранат безбедносните проблеми.
– Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ги видов сите недостатоци кои ги посочи Инспекторатот на Дирекцијата за заштита и спасување. Ова беше логично по долгогодишната негрижа. Направивме динамика. Имаме план како да ги отстраниме овие недостатоци. Прво, да го отвориме Центарот за култура, а потоа да пристапиме кон недостатоците кои ги има Театарот, изјави Љутков.
Годинашното мото на Фестивалот е „Смеј се и осмели се“ и наместо „Автор во фокус“ годинава во фокусот ќе биде Прилеп со истакнати театарски уметници. Во оваа програма наместо како досега што беше застапен само еден автор,ќе бидат застание тројца автори и уметници од Прилеп кои оставиле длабока трага во македонскиот театар – и на Фестивалот, и на Театарот воопшто.
-Ќе направиме, т.н, Музеј во движење на тројца автори од Прилеп: Благоја Ристески-Платнар, Благоја Спиркоски-Џумерко и Кирил Ристески. Сметам дека тоа е одговорот на Фестивалот што може да се прави во, условно речено, креативни времиња и предизвици кои ќе нѐ следат. Имаме можност и моќ да покажеме дека Прилеп отсекогаш бил театарски град, дека има и ќе има театарски уметници кои го водат македонскиот театар, вели Стојаноска.
На Фестивалот остануваат разговорите на „тркалезната маса“ за претставите, останува „Детската зона“ кај Градскиот саат, како и промоциите на театролошката литература. Новитет ќе биде еден вечерен поткаст кој ќе се снима, наместо дневните каде повторно ќе се искористат театарските уметници низ Прилеп.
– Ја имаме и програмата „Драмолетање“ која ќе биде презентирана низ Прилеп. Цело време работиме да имаме побогата активност. Ова издание на Фестивалот ќе биде поскромно, не знаејќи ја ситуацијата со сцените, но в година, бидејќи е 60. издание на Фестивалот, ќе треба да бидеме поголеми. Може да речам дека паралелно ги подготвуваме двете изданија на Фестивалот, годинашното и она догодина, јубилејното, изјави Стојаноска.





