Под слоганот „Под исто небо“ 7. издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ повторно ќе ги обедини авторите, илустраторите, издавачите, децата и сите вљубеници во литературата и уметноста за деца. Фестивалот ќе се одржи во автентичниот амбиент на Сули ан во Старата скопска чаршија, каде е сместен и дел од Факултетот за ликовни уметности.
– Веќе седма година „Литера“ е дел од културната мапа на Скопје и на Македонија. Среќни сме што фестивалот продолжува да расте и да создава простор за нови дијалози меѓу уметниците и најмладата публика. Годинава, со мотото „Под исто небо“, испраќаме порака дека сите приказни се поврзани, без оглед на јазикот, бојата или границите – велат од тимот на „Литера“.
Свеченото отворање на фестивалот е закажано за 23 април (среда) во 19.30 часот, со поставка на ретроспективна изложба на илустрации на Ордан Манески, еден од доајените на македонската графика и илустрација за деца. На отворањето ќе биде презентирана и програмата на фестивалот, а за забавата ќе биде задолжен диџејот Гоце САФ.
Годинашната програма носи богата содржина, инспирирачки разговори, креативни работилници и изложби кои ја слават детската фантазија и моќта на раскажувањето приказни.
Во текот на фестивалските денови ќе бидат промовирани повеќе сликовници, илустрации и автори. Партнери на оваа манифестација се „Халкбанк“, кои со своето штедливо слонче Халки ќе бидат дел од богатата тридневна програма. „Литера“ е поддржана и од Министерството за култура и туризам.
Изложбата на илустрации на Ордан Манески ќе биде отворена до 30 април и е бесплатна за сите посетители, исто како и сите настани во рамки на фестивалот.





