Денеска полниме четири години. Со многу волја и љубов за пишаниот збор, за вистината, со желбата да се остави трага во нашето време, но и да им се даде простор на сите вредни луѓе кои создаваат уметност и вредни дела, кои надминуваат граници на просечното во културата, образованието и науката. Ви споделуваме што за нас напишаа нашите пријатели, читатели, луѓе што нè следат од првиот ден.

Никола Маџиров
Никола Маџиров, поет
– УМНО е УМ,НО над разумот. Уметноста е поинакво време – УМНО е часовник без бројки, подвижен дом на идни сеќавања. Дом од вградени зборови што го чува создаденото надвор од динамичниот заборав, од кревкоста на нашето постоење. УМНО е архива на неуловливото и сведок на незабележливото. УМНО ја документира и безумноста на стварноста и заумноста на вистинското будење. Со буден ум, до УМНО!

Марија Митева
Марија Митева, Јуроп хаус
– Среќни сме што го имаме Умно.мк покрај себе кога треба да се чуе гласот на новата генерација, да се поддржи активизмот на заедниците, да се препознаат уникатните поединици и да се раскажат вредните приказни. Весна и Сребра успеваат сиот тој глас, умно да го преплетат низ вистински вредности преку култура, образование, уметност и наука. Умно.мк има моќ да биде мегафон на позитивната промена во општеството, а ние тимот на Јуроп хаус, секогаш ќе се трудиме да бидеме двигател на ветерницата што ни носи нови успешни промени. Умно.мк, останете релевантни, активни, пркосни и умни!

Дита Старова Ќерими
Дита Старова Ќерими, ликовен уметник
– Умно.мк секогаш знае кога и како да ја препознае вредноста. Во време на пандемија, кога културниот сектор беше затворен зад затворени врати, тие беа гласни, храбри и доследни – и му дадоа глас на она што навистина вреди. 4 години како постојат – четири столба кои ја обликуваат нивната мисија: ум (разум), срце (страст), збор (глас) и храброст (независност). Како уметник, професорка и културен деец, со гордост се потсетувам на нашата долгорочна и инспиративна соработка. Умно.мк не само што информира, туку негува, охрабрува и создава контекст во кој уметноста и културата добиваат вистинска почит и смисла.
Во светот на брзи медиуми, Умно.мк излегува од рамките – создава простор за размислување, развој на идеи и поддршка на вистинските вредности. Културата има потреба од ваков независен медиум, и тие се повеќе од потребни – сега и секогаш. Ви посакувам многу години исполнети со успех, инспирација и храброст. Вашиот глас е она што ја прави културата жива и силна! Читајте, бидете и растете со Умно.мк!

Васко Шутаров
Васко Шутаров, директор на КИЦ Белград
– Во едни, не така дамнешни времиња, пред точно 4 години, за време на пандемијата од корона, кога скоро секаде низ светот, умот и разумот први абдицираа од престолот на кој се втемелени најважните човечки вредности, кај нас срамежливо заискри Умно.мк, како зрак надеж дека, еден ден, кога ќе помине таа тогашна нова нормалност, пак ќе може да се вратиме на животните концепти за убавото, вистинитото, доброто- и умното! Денес, 4 години по првичното заискрување, Умно.мк, за сите оние на кои културата, уметноста, образованието и науката им претставуваат животно вјерују, стана сигурен светилник и постојан партнер, во заедничката потрага по вистинитото и добронамерното. Го сакам и го читам редовно Умно.мк, затоа што се медиумска реткост, во која не постојат поделби на големи и мали личности, на големи и на мали наслови во нивните читливи и секогаш актуелни приказни. И децата освојувачи на вредни меѓународни одличја и овенчаните академици и професори со вредни награди, кај нив имаат подеднакво вредно и значајно место и затоа се секогаш читани и редовно и од почеток до крај!

Гоце Стевковски
Гоце Стевковски, директор на Националниот џез оркестар
– Умно.мк за овие 4 години со сигурност си го најде своето место во медиумскиот простор, истакнувајќи се како водечки интернет-портал од областа на културата, науката и образованието. Секогаш пристапувајќи со огромна професионалност и објективно осврнувајќи се на најважните настани од културата, тимот на Умно.мк ја следи работата на нашиот оркестар уште од времето кога бевме здружение, па сѐ до денес, кога прераснавме во национална институција. Како независен медиум, Умно.мк е токму тоа што на сите ни е потребно, во насока на промовирање на вистински културни вредности, но и универзални вредности кои модерниот начин на живот има тенденција да ги запоставува. Оттука, искрено ви посакуваме уште многу години успешна работа и ви благодариме за сета поддршка што ни ја давате.

Зоран Здравковски
Проф. д-р Зоран Здравковски, претседател на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија
– Умно.мк е еден од ретките медиуми што со вистинско задоволство редовно ги читам, бидејќи единствено и посветено објавува содржини од областа на науката, културата и образованието. Особено ме радува фактот што овие вести се поврзани со нашето поднебје, а „Умно“ со искрен ентузијазам ги истакнува креативните потенцијали на поединци и групи кои за мене претставуваат вистинска инспирација. Од срце посакувам уште многу години успешно да одбележува вакви јубилеи и со иста посветеност да ја продолжи својата просветителска мисија.

Сашко Коцев во сцена од претставата Hanging Around
Сашко Коцев, актер
– Паметно е да се има УМНО. Не знам на кој умен му текна да го започне УМНО, но тоа беше една од најпаметните работи што се случи. Некој нас уметниците будно и неуморно да не’ следи секојдневно и да одвојува простор за сите театарските дела, некој кој дава шанса и на неуспешните или кај почетниците препознава потенцијал, а успешните пак, ги опсипува со најубавите епитети. Дури е многу тешко да се напише нешто поумно за УМНО, освен големата благодарност за изминативе години. Среќен Роденден.

Лилјана Грџо Дамовска
Лилјана Грџо Дамовска, новинар
– УМНО постави нови стандарди во афирмацијата на културните вредности, истовремено инспирирајќи креативност и иновации. Како иновативна платформа, декларира визија за длабока афирмација на културните вредности во современото општество.
Успехот на УМНО е во уникатната способност да интегрира културни вредности во секојдневниот живот. Со својот фокус на културната едукација, УМНО создава нови парадигми за разбирање на уметноста и културата. Интеграцијата на културните вредности во иницијативите на УМНО го зајакнуваат општествениот контекст на заедницата и демонстрира како културните вредности можат да бидат двигател на економска и социјална промена. УМНО потврдува дека културата не е само производ, туку динамичен процес, а со својата проактивна улога создава атмосфера каде културните вредности може да бидат темел за нови идеи и проекти. Визијата на УМНО стана мапа за патување во светот на културата и уметноста! И уште нешто: УМНО сѐ што објавува со две раце потпишува! Честитки за роденденот, да се множат години и успеси!

Владимир Мартиновски
Владимир Мартиновски, писател
– Уште од својот почеток до денес, УМНО е еден од ретките медиуми кои ги следам редовно и секојдневно, бидејќи исцрпно ги покрива домените кои ми се и професионален интерес и вокација: уметноста, науката и образованието, кои ги сметам за витални за секое општество. Особено ми се допаѓа што на едно место има информации за културни настани, научни достигнувања и текстови со сериозен третман на актуелни теми од полето на образованието. Особено сум благодарен што УМНО будно ги следни и многубројните активности од календарот на јавни настани на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”: од научни конференции и симпозиуми, трибини и тркалезни маси, преку информации за гостувања на странски професори и писатели или промоции на изданијата на факултетот, поврзани со воннаставната надоградба на студиумните. Би можел да кажам дека пред секој настан од јавен каректер праќаме информации до стотици медиуми, но сигурни сме дека УМНО ќе ја проследи веста и навремено и коректно до читателите. Честит роденден до уредничките на УМНО (Весна и Сребра) и до нивните соработници, со искрена благодарност за соработката.

Софија Семенпеева
Софија Семенпеева, агенција „Ефектива“
-Умно е… Многумина се сметаат себеси за умни и веројатно се, но само едно УМНО собра храброст да се впушти во сржта на креирањето и почитувањето на суштинските вредности клучни за едно општество. Храбро и директно се соочи и се соочува со предизвиците на современието, креирајќи содржини кои значат развој и вреднување на квалитетот во уметноста, науката и образованието, но и непоколебливо посочувајќи на проблемите и предизвиците во овие области. Благодарам што свесно создавате културна критика која е неопходна за нашиот прогрес. Благодарам што уметноста и креативноста добија простор каде се во фокусот, наместо на маргините, а луѓето кои ги создаваат станаа видливи. Благодарам за четири години поддршка, инспрација и нови светогледи. Умно е да читаме умно, умно е свесно да се поддржуваме меѓусебе и да си подаваме рака. Умно е да се бориме културата, обрзованието и науката да бидат патоказ, а на случаен знак покрај патот. Умно е да веруваме во Умно.мк!

Александар Манасиев
Александар Манасиев, новинар
Во медиумскиот простор каде што доминираат сензационализмот и „копи-пејст“ новинарството, УМНО веќе четири години успева да остане доследен глас за теми што најчесто се игнорирани-образование, наука и уметност. Зад УМНО стојат две новинарки со професионалност, интегритет и визија, но и со страст за вистинските вредности. Во време кога независноста и квалитетното новинарство стануваат сè поретки, УМНО е доказ дека е и можно и неопходно да се гради медиум кој информира, едуцира и инспирира.

Нела Витошевиќ
Нела Витошевиќ, режисер
-Умно.мк е “ѕид” испишан со убавина и мудрост. Во сајберхаосот кој владее, тој претставува еден уникатен простор, едно културно место во кое се систематизирани и оживеани голем број содржини кои секогаш го крадат моето внимание. Портал кој суптилно влијае во подигнување на свеста кај единката преку умно осмислени текстови и културно-oбразовни вести. Секогаш во служба на културата, уметноста и образованието, Умно.мк, полека, но сигурно се издвојува како еден од најзначајните веб-портали.





