Тринаесеттото издание на „Авицена женска трка“ во организација на Сојуз на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, ќе се одржи денеска со почеток во 10 часот. На трката во должина од 3 километри во близина на фонтана „Лотос“ ќе учествувааат околу 3000 учеснички во девет старосни категории. Пред самиот почеток, во 09:40 часот, предвидено е и загревање со аеробик вежби.
Стартот ќе биде во 10 часот од булевар „Илинден“, во близина на фонтана „Лотос“. По истрчаните 3 километри ќе бидат прогласени најдобрите, по што ќе следува доделување подароци на добитничките обезбедени од партнерите на трката. Најсреќните ќе бидат извлечени во лотаријата што ќе се одржи ден претходно (сабота, 12 април), во која ќе учествуваат сите стартни броеви на натпреварувачките.
Во периодот од 09:00-11:00 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден”.
Со категории за сите возрасти и вредни награди, оваа трка е повеќе од спортски настан, таа претставува симбол на женска сила, мотивација и поддршка. Минатогодишниот успех на „Авицена женска трка“ донесе рекордна бројка на женски учеснички на Виз Ер Скопскиот маратон – дури 52% од сите учесници беа жени!
Оваа трка веќе 13 години по ред е симбол за мотивација и успех, за постигнати резултати и поставени нови цели, како и за здрав и правилен животен стил. Организаторите на настанот известуваат дека и оваа година има голем број пријавени и на сите учеснички на трката им посакуваат среќа.





