Ретроспективна изложба на илустрации на еден од доајените на македонската уметност, Орде Манески ќе виде отвoрена во рамките на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Изложбата ќе биде поставена од 23 до 30 април, во галерискиот простор на Сули ан во Старата скопска чаршија каде годинава ќе се одржи „Литера“. Посетителите ќе се запознаат со богатото творештво на Манески и ќе ги погледнат препознатливите илустрации од голем број учебници, сликовници и книги за деца.
– Со посебна чест годинава ја отвораме изложбата на Орде Манески, автор чиј визуелен јазик остави траен белег врз генерации деца. Преку „Литера“ ја истакнуваме вредноста на илустрацијата како составен дел од квалитетната литература за деца бидејќи таа е патоказ кон имагинацијата, љубопитноста и креативниот израз од најрана возраст – вели Софија Семенпеева, од агенцијата „Ефектива“, организатор на фестивалот.
Во рамки на фестивалската програма ќе се одржат и креативни работилници за деца од различна возраст. Најмладите учесници ќе имаат можност да се инспирираат токму од делата на Манески, но и да истражуваат и да создадат сопствени приказни преку цртеж и збор.

Орде Манески
Орде Манески е роден во Прилеп. Средното училиште за применета уметност го завршил во Скопје, а студирал во Љубљана, каде дипломирал во класата на професорот Божидар Јакац. Веднаш по студиите започнал да работи како графички дизајнер, а од 1968 година работел како професор по графички дизајн во Средното училиште за применета уметност во Скопје. Неговите дела се изложувани на бројни групни изложби, како во земјата, така и на меѓународната сцена. Многу генерации се запознаени со делата на Манески уште од училишните клупи, преку неговите илустрации за Запознавање на природата и општеството, Поуки за јазикот, Историја, Историска читанка, учебник по англиски јазик и учебници за основно образование на албански и турски јазик.
Фестивалот „Литера“ и оваа година продолжува да ја поддржува културата и литературата за деца, со акцент на нивната улога во креативниот и емоционалниот развој на децата и младите. Сите настани во рамки на фестивалот ќе се одвиваат во Сули ан, во Старата скопска чаршија, и ќе бидат отворени за сите заинтересирани посетители.





