Катарза со Мариза!

Тагата има лик и глас, таа е преубава жена со мек топол глас кога зборува, а силен и громогласен моќен кога пее. Тагата има многу лица, а синоќа ја видовме во Скопје преку Мариза, португалската фадо дива која ù се врати на Македонија по точно 20 години. Емотивно патување низ 25-те години нејзина богата кариера доживеавме сите, од прв до последен во големата сала на Филхармонијата. Од нејзиниот прв албум Fado em mim (2001 година) до песната Casa и неколку од новиот албум што ќе се вика Амор. Долгото очекување на оваа божица на фадото повторно во Скопје се почувствува и кај публиката. Речиси двочасовното патешествие низ богатото творештво на Мариза заврши со стоeчки овации, со дофрлање за предлози за бис. Primavera беше изборот нејзин и на нејзиниот музички состав.

Изведбата на нејзината позната Chuva без микрофон ќе остане една од најдобрите изведби што на сцената на Филхармонијата сме ги сведочеле во нејзиното постоење од 2017 година.

Егзотичната мешавина на португалска и мозамбичка крв во неа ја прави посебна. Мариза ни откри и дел од себе, упати убави пораки за искреност и љубов. Музиката на Мариза и нејзиниот настап се од оние ретки за кои секогаш ќе ви фалат зборови, зарем треба некој да објаснува каков глас и магија таа остава на сцената?

Исто како и нејзиното име („од морето“, „сакана“), Мариза ни го донесе морето, ни донесе љубов, ни донесе катарза, за што сме и’ благодарни.

Концертот го организираше агенцијата Stars & More.

Сподели