По 48 години премиера на македонски анимиран филм на најстариот фестивал во Анеси, Франција

„Неми филмови“ на Крсте Господиновски премиерно ќе биде прикажан во официјалната селекција на годинашното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови во Анеси, Франција

Краткометражниот анимиран филм „Неми филмови“ на македонскиот автор Крсте Господиновски премиерно ќе биде прикажан во официјалната селекција на годинашното издание на најпрестижниот и најстар фестивал за анимирани филмови во Анеси, Франција. Филмот е во продукција на „Фокус покус филмс“ и „Флип бук продакшнс“ и поддржан од Агенцијата за филм.

Од 3.900 филмови пријавени од сите континенти, „Неми филмови“ ќе се натпреварува со уште 70 филма за една од најзначајните награди во светот на анимацијата. Успехот на екипата предводена од Господиновски претставува значаен исчекор за македонската авторска анимација, бидејќи ова е првиот македонски филм по „Адам“ на Петар Глигоровски од 1977 година кој успева да биде вклучен во официјалната селекција на фестивалот.

„Неми филмови“ е приказна за едно мало кино на залезот на немото доба, каде една поранешна филмска ѕвезда, маскирајќи ја својата згасната слава, решава да проектира исклучиво неми филмови. Неговиот син спокојно расне во овој илузорен свет, несвесен за промените што се одвиваат вон неговите ѕидови, сè дур едно необично откритие не ги разниша неговите уверувања, нарушувајќи го веќе кревкиот однос со неговиот татко.

Филмот е работен по сценарио на Господиновски, Жарко Иванов и Димитар Димоски. Инспириран е од истоимениот расказ на Димоски, награден на книжевниот конкурс на „Нова Македонија“. Продуценти се Димоски и Дарко Попов, а копродуценти се Иванов („Флип бук продакшнс“), Раду Николае и Дорин Стелеску („Опал продакшн“).

Иванов и Господиновски се директори на анимацијата. Кинематографијата ја потпишаа Горан Наумовски, Димо Попов и Господиновски, дизајнер на звукот е Горан Петровски, автори на музиката се Владимир Лукаш и Александар Прокопиев. Сценографијата е на Господиновски, Викторија Динева и Тамара Радојковиќ, која исто така е и асистент на режија.

Филмот е изработен во техниката куклена стоп анимација и она што го прави исклучително специфичен е фактот што целиот филм е изработен во еден непрекинат кадар.

64. издание на Анеси ќе се одржи од 8 до 14 јуни во Анеси, Франција. Филмот ќе биде прикажан и на 53. издание на престижниот „Анимафест“ во Загреб, уште еден значаен фестивал за анимиран филм во светот. „Неми филмови“ наскоро премиерно ќе биде прикажан и пред македонската публика.

Сподели