Љубовниот роман „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ од Ксенофонт преведен на македонски јазик

Од печат излезе книгата „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ од Ксенофонт, во превод од старогрчки на македонски јазик на Светлана Кочовска-Стевовиќ. Книгата е дел од едицијата „Арго“ на издавачката куќа „Или-или“ од Скопје.

– „Приказна од Ефес: Антија и Хаброком“ е љубовен роман од првите векови на нашата ера. Авторот нè води на возбудливо патување низ источниот Медитеран на кое судбината немилосрдно ги раздвојува двајцата главни протагонисти ставајќи ја на тест нивната љубов. На ова патување, исполнето со опасности од пирати, разбојници и намерници, Антија и Хаброком му пркосат на секој нов предизвик, а со секое ново страдање нивната љубов станува посилна. Дали ќе ја победат суровата игра на судбината и дали заедно ќе се вратат во родниот Ефес? – објаснуваат издавачите.

Се смета дека 33. новела на италијанскиот поет Масучо Салернитано, „Мариото и Џаноца“, објавена во Наполи во 1476 година била инспирирана од Ксенофонтовото дело. Оваа новела, подоцна преработувана од Луиџи да Порто, Матео Бандело и Артур Брук, била инспирација за Шекспировата „Ромео и Јулија“.

– Ксенофонт од Ефес во прегледите на античката книжевност е запишан како автор на само ова сочувано дело. За него не се знае ништо, освен тоа дека бил, веројатно, родум од Ефес и дека живеел во 1. век. Неговиот роман ѝ припаѓа на групата од петте целосно зачувани антички љубовни романи, а според некои процени, е најстариот претставник на оваа книжевна форма – велат од „Или-или“.

Сподели