20 концерти на Камерниот оркестар на Битола, првиот е посветен на Тоше Проески и настраданите во Кочани

Дваесет концерти ќе изведе годинава Камерниот оркестар на Битола. Од нив 19 ќе бидат фокусирани на класичната музика, освен првиот концерт „Засекогаш во срцата“ во чест на Тоше Проески, закажан за утревечер во 20 часот, во Центарот за култура во Битола

– „Засекогаш во срцата“ е посветен на незаборавниот Тоше Проески и жртвите од неодамнешниот пожар во Кочани. Овој концерт ќе служи како потсетник за непроценливите вредности што музиката ги носи во нашите животи – велат од Оркестарот.

На концертот ќе настапат: Андријана Јаневска, Димитар Андоновски, Ѓоко Танески, Димитар Андоновски, Бојан Стојков, Мина Блажев, Јасна Димитровска, Марија Митровска, Ангела Илиевска и поп-рок хор „Битвокс“ и Тин Попрокет под водство на Марина Коруновска. На концертот ќе учествуваат и лица со интелектуална попреченост и оштетен слух од „Кочо Рацин“ и Центарот „Порака“ од Битола. Диригент на концертот е Владимир Димовски.

– Оркестарот продолжува со својата мисија и визија да ја промовира културата на класичната музика не само во Пелагонискиот Регион, туку и пошироко, поттикнувајќи културен раст и развој. И покрај финансиските предизвици, со оглед на тоа што Министерството за култура одобри финансирање само за четири проекти, оркестарот е решен да продолжи со реализација на целосната програма користејќи сопствени средства и преку продажба на влезници по разумни цени – велат од Оркестарот.

Сподели