Четвртото издание на меѓународната конференција „Студии по англистика – интердисциплинарност во истражувањата и практиката“ (ЕСИДРП 2025) ќе се одржи утре и задутре (4 и 5 април) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се очекува на конференцијата да презентираат 60 учесници од земјата и од странство. Присутните ќе имаат можност да ги чујат излагањата на врвни интелектуалци и научници како проф. Алис Хендерсон (Université Grenoble-Alpes), Франција, проф. Ноа Бубенхофер (University of Zurich), Швајцарија, проф. Џон Левис (Iowa State University & Middle East Technical University), САД и Турција и проф. Димитер Кенаров, кој е и писател и новинар (American University), Бугарија.
Конференцијата ќе биде збогатена со две работилници за наставата и алатките за вештачка интелигенција. Работилниците се наменети за наставниците од основните и средните училишта во Македонија, кои се воедно и членови на Асоцијацијата на наставници по англиски јазик во РС Македонија – ЕЛТАМ.
Предавањата, работилниците и дискусиите на конференцијата ќе се фокусираат на анализа на јазикот како општествен и културен концепт, кој не е само средство за изразување и размена на идеи, туку и алатка за општествена активност и за значајни општествени промени. Науката за јазикот секогаш тесно соработува со други научни дисциплини како социологијата, економијата, политиката, медицина, уметност и слично.
Организацискиот одбор се состои од три професорки кои ја започнаа традицијата на одржување на оваа конференција: проф. Мира Беќар, проф. Анастазија Киркова-Наскова, проф. Елена Ончевска-Агер и од новите соработнички кои во време кога е воспоставена конференцијата биле студенти, демонстратори и лектори: Маја Јошевска-Петрушевска, Ивана Дуцкиноска-Михајловска, Ајнур Касо, Адријана Ќосе, Ивана Цветанова и Мила Виларова.
Конференцијата се организира од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во соработка со „Арс ламина“ и ЕЛТАМ. Повеќе информации на линкот.





