Во пресрет на 2 Април, Светскиот ден на свесноста за аутизмот ја најавуваме изложбата „Моите херои“ од младата Јана Иванова што ќе биде отворена утре во 12 часот во Младинскиот центар „Матично“ во скопската Општина Центар
„Мојата Јана сака преку својата дарба да покаже дека и таа припаѓа заедно со сите што ја опкружуваат и, на свој начин, сака да пренесе порака за емпатија и прифаќање на децата со аутизам во нашето општество“, вели Теа Иванова-Теохаревска, мајка на Јана во пресрет на 2 Април, Светскиот ден на свесноста за аутизмот.
„Моите херои“ е насловот на изложбата на цртежи од младата Јана Иванова што ќе биде отворена утре во 12 часот во Младинскиот центар „Матично“ во скопската Општина Центар. Јана е ученичка во 4. одделение во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје. Изложбата ќе биде отворена до 30 април, а може да биде посетена секој работен ден од 10 до 16 часот.
– Најмногу како нејзина мајка, сметам дека на ваков начин се истакнуваат уметничките тежнеења на децата во нашата земја, а конкретно ја подигнува свеста за важноста на инклузијата и поддршка на лицата со спектар на аутизам. Со поддршката на семејството Јана сака да покаже дека припаѓа. На нејзините цртежи таа засега ги прикажува ликовите на нејзините херои, фигурите кои ги гледа во цртаните филмови, во долгометражните филмови или во книгите и кои ги чувствува како нејзини пријатели. Затоа одлучивме ова нејзино прво ликовно претставување пред широката публика да ја наречеме токму „Моите херои“ – вели Иванова-Теохаревска, воедно и кураторот на изложбата.
Јане Теохаревски, комесар на изложбата вели дека одамна го уочил талентот на неговата внука.
– Иако е млад репродуктивен уметник во вистинската смисла на зборот, во одредени нејзини цртежи се забележува вметнување на формата на срцето. Јана очигледно знае што значи љубов и радосен сум што го прави тоа, наспроти мислењето дека децата со аутизам не знаат за одредени чувства … Нејзините ликови се популарните ликови на децата на нејзината возраст и не само тие. Цврсто сум убеден дека со текот на времето, нејзиното интересирање ќе го надмине тој свет. Потегот на раката ѝ e извонреден, фигурите се нацртани непрекинато, во еден здив, без корекции … Затоа можеби во таа брзина го занемарува боењето но, со време, откривањето на нови техники ќе го надополни и тоа – вели Теохаревски.
Изложбата ја помогнаа Општина Центар, „Комерцијална банка“ од Скопје, „Еурофарм“ од Битола, „Стокомак“ и „Авицена – дијагностика“.





