Пишува: Гоце Смилевски
(Кон „Простување“ од Кица Колбе, издание на „Или-Или“, Скопје, 2024)
Најновиот роман „Простување“, на еминентната македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка Кица Колбе, проникнат е од темите кои се доминантни во целиот нејзин раскажувачки опус: идентитетот, дислокацијата, меморијата, јазикот, создавањето и восприемањето на уметноста, суштинското промислување на човековата егзистенција, етичноста како еден од идеалите на човековото постоење. Инкарнирани преку ликовите, нивните животни судбини и нивните дејствувања во романот, овие теми поаѓаат од конкретното, индивидуалното, и се издигнуваат до универзалното и општочовечкото, обединувајќи ги низ густата раскажувачка постапка откривањето и соочувањето со сопствената, со наследената и со колективната траума.
Тоа преплетување на индивидуалната, наследената и колективната траума постојано го чувствува главниот лик на романот, кој првите години од животот ги минал покрај Езерото, потоа, откако со мајка си ќе го напуштаат таткото, формативните години ќе ги мине во Хамбург, за потоа да работи и живее во Берлин, како психотерапет. Тој, поаѓајќи од претпоставката за личната траума поврзана со неговиот страв од водната длабочина, низ разговорите со мајката („Ќе ми кажеш ли сега дали се случило нешто драматично со мене во езерото? Сум паднал ли во езерото? Сум се давел ли некогаш? Мора да има причина за мојот страв”, ја праша малку поспокојно. Таа го гледаше и размислуваше. „Не. Никогаш. Па, ти не влегуваше во подлабоката вода во езерото. Цапаше како малечок само кога водата ти беше под колената. Нели, ти дури овде, во школото, научи да пливаш.“ Колбе 2024: 40) ќе стигне до наследената траума.
Изразот траума, кој доаѓа од старогрчкиот збор за рана (τραῦμα, traûma), првобитно се однесувал на физичка рана, но во текот на деветнаесеттиот век тој започнува да се поврзува со емоционалните рани: „Траумата се однесува на психолошка повреда, трајно оштетување сторено на поединци или групи предизвикано од трагични настани или тешки неволји.“ (Davis; Meretoja 2020: 1). Прашањата за траумата стануваат особен предизвик за науката по 1990 година, откако Американската психијатриска асоцијација официјално го вреднува феноменот на психолошката траума и ги дефинира карактеристиките и симптомите на болеста која наскоро ќе стане позната како пост-трауматско стресно пореметување (Post-Traumatic Stress Disorder, или скратено: PTSD). Во романот на Кица Колбе тој талог на пост – трауматското е нешто што се носи како бреме, проклетство и благослов (благослов, затоа што преку соочувањето со траумата ликовите доаѓаат до многу суштински нешта во себе) не само на личното искуство, туку и на трагедиите и траумите на предците.
Главниот лик во еден миг, во текот на разговорот со мајка си, ќе се види себеси како паѓа главечкум од кајче во темното езеро, и ќе претпостави дека таа некогашна траума е причината за неговиот сегашен страв. Мајка му ќе му ја открие долго премолчуваната трагедија, која се случила при ноќното преминување на таткото, дедото и бабата на главниот лик преку Езерото во текот на Граѓанската војна, и која се претворила во наследено сеќавање и наследена траума: „Во еден миг татко ти, веројатно заспан, паднал главечкум во езерото. Баба ти скокнала по сина си, без да чека на дедо ти. Таа му го подала детето на маж ѝ, а кога тој се свртел да ја поземе од водата и жена си, од неа во мракот езерски немало ни трага, ни глас. Дали умрела веднаш, од преголем страв кога се фрлила во езерото по синчето? Дали не знаела да плива? Ништо не знам за тоа. Дедо ти еднаш ми ја раскажа приказната и никогаш повторно. Тој веднаш скокнал во езерото и се обидувал да ја најде во темната вода. Татко ти останал во кајчето. Врескал по мајка му и татко му. Мислел кутриот дека обајцата се удавиле. Кога дедо ти се појавил на површината и го чул врисокот на татко ти, се качил во кајчето и го успокоил.“ (Колбе 2024: 42-43). На тој начин, во романот се поврзани и се развиваат во понатамошниот негов тек односите помеѓу личната и наследената траума, додека пак колективната траума е присутна преку размислите на главниот лик дадени во неговиот „Дневник на војните“, и преку неговата работа како психотерапевт со децата бегалци од актуелните војни кои го нашле својот нов (привремен или траен) дом во Берлин. Всушност, и самиот дневник започнува да настанува поврзан со неговата професија / повик, и од желбата да протолкува како трауматизираните деца – бегалци ги доживуваат делата на германскиот сликар Анселм Кифер. Во основата на последиците на траумата лежи и амнезијата (и таткото на главниот лик нема да се сеќава на трагичниот настан кој ќе го притиска до крајот на животот и ќе го тера да се чувствува виновен: падот во Езерото и смртта на мајката) и неискажливоста. Токму вината, неискажливоста и заборавот се некои од темите над кои размислува главниот лик од романот: Веројатно затоа што ужасот и стравот на четиригодишното дете биле толку силни, што се одвоиле од него и се скриле во неговата „внатрешна крипта”, како што тоа го нарекува психијатарот Борис Сирулник. Татко му веројатно никогаш не станал свесен дека носи една длабока рана во својата „внатрешна крипта”. Затоа веројатно не ја изговорил, ниту ја надминал траумата.
Затоа лузните во неговата душа од траумата останале во него, а нив ги наследил тој, син му. Само стравот од езерото за синот беше единствениот знак дека зад него се кријат многу повеќе нешта. Татко му не се сеќаваше на трауматичниот момент и затоа не се плашел од езерото. (Колбе 2024: 95). Истражувајќи го настанокот и развојот на теоријата на траумата, Никол Сутерлин посочува дека истата „се сосредоточува на односот помеѓу зборовите и траумата и ни помага да ја прочитаме траумата со помош на книжевноста“, а она што е особено важно во истражувањето на теоретичарите кое се посветиле на оваа област е тоа што „го воочиле блискиот меѓуоднос помеѓу раната и зборот, помеѓу траумата и книжевноста, па дури и меѓу траумата и јазикот.“ (Sütterlin, 2020:18). Многу еминентни истражувачи на полето на траумата, надоврзувајќи се на наследството на теориите на Фројд за функционирањето на човековиот ум, ја артикулираат својата согледба на траумата како амнезичка и неискажлива. Можеби затоа и многу топоними во романот Простување немаат име, туку остануваат едоставно именувани како „езерото“, „земја“, исто како што и ликовите остануваат во сферата на неименливото: научникот, кој потоа, по враќањето покрај езерото на своето детство, е означуван како синот на уметникот, потоа таткото, мајката, дедото, бабата, пријателот од Брисел, синот на министерот, свештеникот…
На заборавот, потиснувањето, премолчувањето на траумата ќе се надоврзе во романот и контемплирањето над феноменот на наследената траума: Секоја нова генерација наследува многу важни нешта од животните биографии на предците. Тоа се најчесто убавите и драгоцените нешта, искуства и доживувања, а тие се пренесуваат не само преку фамилијарните сведоштва, фотографии, документи, писма. Не само преку приказните за нашите предци кои ги дознаваме од тие што некогаш ги познавале. Претходната генерација го пренесува врз идните генерации најскапоценото од својот живот на многу начини. Тоа новите генерации го пренесуваат на следните, како паметење, како семејна архива. Меѓутоа, има нешта кои претходната генерација никогаш не им ги раскажала на своите наследници, но тие, сепак, кај нив се јавуваат како наследена траума. (Колбе 2024: 95). Таа потрага по наследената траума ќе го однесе, поточна врати, главниот лик покрај Езерото, во куќата од детството, и ќе му го донесе драгоценото пријателство со свештеникот, што одново спаѓа во сферата на надоврзување на предците, затоа што свештеникот бил најдобриот пријател на таткото на главниот лик, кој бил уметник. Таму, покрај Езерото, во главниот лик уште повеќе ќе се разгори желбата да допре до одговорот на прашањето кое го преокупирало уште од времето на студиите: На кој начин траумата од војната, со помош на уметноста, се преобразува во силен творечки, естетски израз? (Колбе 2024: 95). Низ тоа прашање тој ќе дојде и до поврзувањето на делата на Анселм Кифер со делата на татко си, на кои ќе им биде длабоко благодарен за тоа што благодарение, меѓу другото, и на нивните дела конечно ќе успее да ја согледа својата сопствена траума. И доживува како низ тоа согледување и соочување со траумата, низ артикулирање, преку него да се соочуваат со своите трауми и да закрепнуваат од нив. Токму преку артикулирањето на тоа искуство субјектот кој ја доживеал траумата може да најде утеха и средство преку кое ќе започне закрепнувањето. Веќе подолго време сѐ повеќе психолози гледаат на споделувањето на искуството како на неопходен терапевтски сегмент во соочувањето со последиците на траумата. Истражувањата на Џејмс Пенебејкер ги откриваат предностите на споделувањето наспроти потиснувањето, репресијата и инхибицијата на емоцијата (Pannebaker 1995: 6), при што претворањето на емоциите и сликите во зборови ги трансформира начините на кои субјектот ја согледува и сфаќа траумата, водејќи кон нејзино прифаќање.
Но пред да ја прифати траумата, главниот лик на „Простување“ мора да прости на она што довело до нејзино настанување – мора да се соочи со политичката ситуација од пред многу децении кога неговите предци биле принудени да станат бегалци.А главниот лик, научникот / синот на уметникот, се подготвува за нешто сосема спротивно на средбата која му претстои на една конференција со синот на некогашниот министер кој го потпишал законот со кој на семејства кои биле принудени на бегалска судбина им било забрането да се вратат покрај своите родни огништа. Тој тоа и му го најавува на својот пријател од Брисел: Најмалку дваесет години потполно го имав заборавено татко ми. Не можам и сега да го заборавам, правејќи се дека имам амнезија. И тоа пред синот на тој човек, кој за дедо беше еднаков на судбина. Не, прости! Ама тоа не можам. Ако дојдам на таа средба, биди сигурен дека во еден момент ќе изгубам нерви и со врескање ќе му плеснам сѐ в лице. Имам толку насобран гнев во мене што е доволен за три генерации”, му рече. „Ако молчам мудро пред него, како после да живеам со таа вина пред споменот на татко ми и дедо ми?” (Колбе 2024 :232).
Од друга страна, зборовите на свештеникот при еден друг разговор на главниот лик, кој се случува меѓу разговорот со пријателот од Брисел и средбата со синот на министерот, го антиципираат пресвртот во свеста на научникот / синот на уметникот. Свештеникот вели: „Никогаш не е доцна за простување.“ (Колбе 2024: 240), а подоцна во романот, при разговорот помеѓу главниот лик и синот на министерот, тие зборови можат да се протолкуваат како: Никогаш не е доцна да се сфати дека секогаш постои причина да се прости. Преку таа средба на синот на министерот и синот на уметникот, романот сугерира дека простувањето е можно и нужно затоа што судбините на оние на кои треба да им биде простено со судбините на оние кои треба да им простат се секогаш комплементарни, а понекогаш, како во ова дело, се сродни, се огледуваат едни во други, ја носат истата тежина на трагиката, обележани се со истоветни трауми. Градејќи ги ликовите, нивните животни истории и предистории, и нивните размисли и дејствувања околу прашањата на етиката, меморијата, јазикот, суштината на уметноста, трагедијата на бегалството и војните, Кица Колбе создала маркантен роман за траумата, сеќавањето и простувањето.
Цитирана литература
Колбе, Кица. (2024). Простување. Скопје: Или-Или.
Colin Davis and Hanna Meretoja. (2020). Introduction to literary trauma studies. In: Colin, D, Meretoja, H. (ed.). The Routledge Companion to Literature and Trauma. 1-8. London, New York: Routledge.
Finch, A. (2005). The body of poetry: Essays on women, form and the poetic self. Michigan: University of Michigan Press.
Pennebaker, James W. (1998). Emotion, Disclosure, and Health: An Overview. In: James W Pennebaker, J. W. (ed.), Emotion, Disclosure, and Health. 3-11. Washington DC: American Psychological Association.
Sütterlin, Nicole A. (2020). “History of trauma theory”. In: The Routledge Companion to Literature and Trauma. 11-22. London, New York: Routledge.





