Со премиерата на претставата „Госпоѓа министерка“, на Светскиот ден на театарот, 27 март беше отворен 4. Фестивал „5РЕ“ во Велес. Пред претставата, беше врачена наградата за животно дело на актерката Слободанка Чичевска, која примајќи го признанието, отворено кажа дека има трема. Награда за животно дело не значи и крај на актерската кариера, истакна таа.

– Еден постар колега ми рече еднаш дека наградите не се важни, туку важно е да направиш улога и да знаеш дека таа вреди и дека публиката одлично ја примила. Но, наградите значат. Еден мој помлад колега, пак, после прекрасна претстава што ја игравме заедно на Стоби, ми рече многу е важно да се блесне на сцената, но уште поважни е кога ќе блеснеш, да отстоиш и да блескаш и понатаму. На сите мои млади колеги, бескрајно талентирани, им посакувам да блескаат на оваа сцена. Нивниот труд да не биде награден само со огромен аплауз, туку да добие и валидна награда, како што заслужуваат. Наградата им ја посветувам, пред сè, на моите деца, за сите оние за нив важни моменти во животот, во кој јас сум била отсутна, сум била овде на сцената, споделувајќи го сонот со моите колеги, како што знаеја да речат, со твоите театарски деца, на кои понекогаш беа и љубоморни. Му ја посветувам на мојот внук со кого ќе надевам дека ќе ја направиме претставата според приказната именувана со наслов „Драган и другарите“ – рече Чичевска и им благодарам на предлагачите на наградата и на жирито.

– Сум играла со чичко Петре на сцената. И Петре Прличко имаше трема кога ја добиваше наградата за животно дело на „Војдан Чернодрински“. Драга публико, секогаш ми бевте ветер во грбот и се надевам дека ако барем малку од некоја улога што сум ја одиграла ви остане во срцето и главата, оваа награда добива вистинско значење. Ви благодарам на сите и длабоко ви се поклонувам – рече таа.
Со премиерата на „Госпоѓа министерка“ беа одбележани уште 2 значајни јубилеи – 30 години дејност на режисерот Синиша Евтимов и на актерката Зорица Панчиќ.

Фестивалот го прогласи за отворен министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
-Ја славиме слободата, сцената, победата на нашиот дух. Театарот во својата појавна форма никогаш не бил и нема да биде само простор за актерска игра, тој е гласот на колективнот искуство. Тој е жив организам што пулсира во ритамот на времето. И од античките трагедии, сè до најсовремените форми, театарот сведочи за нашата вечна потрага по разбирањето. Преку секоја реплика, емоција, единствена солза или молк нè потсетува дека човечката приказна е најважна форма на комуникација. Зборот на сцената ја има најголемата тежина – рече тој.





