15 милиони денари донира „Алкалоид“ за настраданите во Кочани

Донација од 15 милиони денари уплати компанијата „Алкалоид“ во Црвен крст за настраданите во стравотната трагедија во Кочани и нивните семејства. „Алкалоид“ се заблагодари на Црвен крст и на нивните 165 ангажирани волонтери, кои безрезервно помагаа во бројни ситуации.

– Им благодариме на сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија – велат од „Алкалоид“.

Компанијата од 16 март наваму, во неколку наврати, симболично им помогна на здравствените установи во Македонија со производи од својот асортиман. Покрај финансиската донација, компанијата ќе продолжи да помага онаму каде е потребна помош и поддршка.

– Во името на нашиот колектив, изразуваме длабоко сочувство до семејствата на настраданите и искрено жалење за ненадоместливите загуби. Упатуваме искрени желби за брзо закрепнување на повредените кои се лекуваат во земјава и во странство – велат од „Алкалоид“.

Тие ги поздравија напорите за помош на сите поединци и организации кои со сопствени ресурси и несебични ангажмани придонеле и придонесуваат за поефикасно справување со трагичните последици.

– Понекогаш, и мал гест или убав збор за утеха и поддршка може да направи голема разлика – велат од „Алкалоид“.

Сподели