Тие ја исполнуваа тишината со музика. Да им возвратиме со грижа и поддршка! Ова е мотото на повикот за донација што го отвори Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), посветена на Андреј, Панчо, Сара, Ана, Ѓорѓи, Филип, Александар, Игор, Александар, Мартин, Стево, Горан и Виктор. Асоцијацијата покренува донаторска акција за поддршка на семејствата на нашите колеги кои ги загубија животите во ужасната трагедија на 16 март во Кочани, како и за оние кои се повредени и сè уште се борат со последиците.
– Оваа иницијатива не е само финансиска помош – таа е израз на нашата солидарност, поддршка и заедништво. Нашата индустрија е изградена врз тимска работа, доверба и меѓусебна грижа. Време е да покажеме дека стоиме еден покрај друг, не само во моментите на успех, туку и тогаш кога е најтешко. Ги повикуваме музичарите, артистите, уметниците, техничките лица, но и сите хумани луѓе – да ни се придружат. Секој, според своите можности, може да направи разлика. Собраните средства ќе бидат распределени подеднакво меѓу семејствата на загинатите и повредените колеги. Ако некогаш сте доживеале момент на магија на концерт, настан или фестивал, знајте – тие стоеја зад таа магија. Денес, ние стоиме зад нивните најблиски. Сега е моментот да покажеме дека сме заедница што се грижи. Секој придонес, без разлика на износот, значи надеж за нив и нивните семејства. Донирај. Поддржи. Биди дел од оваа иницијатива на солидарност и поддршка – велат во повикот.
Собраните средства ќе бидат распределени подеднакво меѓу семејствата на загинатите и повредените колеги. Ако некогаш сте доживеале момент на магија на концерт, настан или фестивал, знајте – тие стоеја зад таа магија. Сите собрани средства ќе бидат префрлени на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), која потоа ќе ги пласира кон семејствата.





