Денес во 12 часот на главниот плоштад во Солун, Аристотел, ќе им се оддаде почит на жртвите кои загинаа во пожарот во Кочани. Собирот е насловен ,,Солун во молк за Кочани”. Се планира 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви кои трагично загинаа во дискотеката „Пулс“, но и една минута молк за возачот на брзата помош, кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Во спомен на загинатите ќе има и црни балони, а преку социјалните мрежи објавија повик „Солун се солидаризира со Кочани“.
– Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка“, пишува во повикот за собирот.
Идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој град.





