Стефоска: Имаме шанса да го спасиме Скопскиот аквадукт

Скопскиот аквадукт е еден од последните на Балканот, зачуван во целост. Но, тоа не е по наша заслуга. Денес имаме шанса да го заштитиме ова ремек-дело коешто им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето, рече на денешната прес конференција министерката за култура Ирена Стефоска.

Надлежните за заштита на културното наследство почнуваат со конзервација на Аквадуктот кој Владата неодамна го прогласи за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење. Со тоа објектот го доби највисокиот акт на заштита, што овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла.

Стефоска ја придружуваа директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски.

– Пред да ја промовираме оваа вредност во странство, треба да ја промовираме дома. Имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“, а не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува – рече Стефоска.

Костов оцени дека пред нив е обемна и скапа работа која ќе трае подолг период.

– Сега ја почнуваме работата од нулта позиција – овде на лице место да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати. Се надевам дека ова ќе биде почеток на еден план каде Аквадуктот ќе добие соодветно место за Скопје и за сите туристи и останати граѓани во државата – посочи Костов.

Чапкановски објасни декапрво се почнува со активности околу каналот.

– Водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите. Тука сме да го зачуваме ова дело – рече Чапкановски.

Фото: Министерство за култура

Сподели