„Антев златник“ едногласно им е доделена на Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и на Димитар Аранаудов за книгата „Ѕвезден часовник“, а „Антев часовник“ – на младата Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“
За книгата „Небесни разговори“, писателот Братислав Ташковски ја доби наградата „Антево перо“ за 2021 година. Наградата се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавен поетски ракопис, а ја доделува Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, Анте Поповски. Конкуренти му беа „Ѕвезден часовник“ од Димитар Арнаудов, „Сите болки станаа мои“ од Елизабета Баковска, „Опит“ од Сузана Мицева, „Позлатено распетие“ од Ивица Челиковиќ и „Светец“ од Ирена Павлова де Одорико. Наградата ја додели жирито во состав: Венко Андоновски (претседател), Атина Цветаноска и Жорж Поповски. На конкурсот пристигнале 69 ракописи.
Во образложението на комисијата пишува дека Братислав Ташковски веќе четири децении е препознатлива константа на македонското поетско писмо.
– Освен што е етаблиран поет со свој впечатлив поетски портрет, тој е и еминентен прозаист и драматург, чија литература се оствари и преку филмска форма. Но, пресудна за добивањето на наградата „Антево перо“ беше естетската вредност на неговата стихозбирка. Станува збор за можеби најдобрата до сега објава на овој исклучителен поет, македонскиот Езра Паунд и Борис Пастернак – пишува во одлуката.
Наградата „Антев златник“ едногласно им е доделена на Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и на Димитар Аранаудов за книгата „Ѕвезден часовник“. Комисијата образложува дека Баковска на еден маестрален интертекстуален начин го вкрстува кодот на народната поезија со најсовремениот постмодерен идиом на отуѓениот човек на денешницата.
– Таа го „допева“ највредното од богатството на нашиот фолклор со еден современ поетски идиом, и со тоа добива македонски не само поетски, туку и културолошки палимпсест. Димитар Арнаудов е веќе целосно зрел поет свртен кон езотеричното, со една поетска микроскопија (речиси зен-моќ) која и во зрно песок може да ја види целата вселена. Во „Ѕвезден часовник“ таа микроскопија се претвора во цела капиларна густа поетска мрежа симболи – образложува комисијата.
Наградата „Антев часовник“, симболично наречена за оние чие златно поетско време допрва доаѓа, ја доби седумнаесетгодишната поетеса Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“. Во конкуренција биле и „Круг на права линија“ од Софија Тодороска и „Мечти“ од Мартина Даниловска,
– Станува збор за поетеса-вундеркинд, чие ѕвездено поетско време допрва доаѓа – образложува комисијата.





