Хуманитарен концерт на Националниот џез оркестар и фадо пејачката Марија Мендеш на 25 март

Kонцертот на португалската џез пејачка Марија Мендеш и Националниот џез оркестар кој беше претходно откажан, сепак ќе се одржи, но овој пат со хуманитарна цел. Концертот ќе се реализира на 25 март (вторник) во 20 часот во Националната опера и балет во Скопје. Средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите и повредените во Кочани. Во фоајето ќе бидат поставени и кутии за донации во кои ќе може дополнително да се донираат средства.

Билетите за концертот може да ги набавите ОНЛАЈН и на продажните места на MKTickets.

Марија Мендеш, португалска пејачка и композиторка која живее во Холандија, ќе настапи под диригентство на маестро Владимир Николов.

Музиката на Мендеш претставува уникатна мешавина од џез и португалска фадо музика, a нејзините изведби имаат добиено признанија од истакнати музички легенди како Квинси Џонс, Вејн Шортер и Хермето Пашкоал кои ја опишуваат како „џез пејачка од највисок ранг”.

Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, таа  решава старите фадо нумери да ги изведе во модерно, џез руво. Овој органски спој им носи 4 Греми номинации за двата албуми: „Close To Me” (2019) и „Saudade, Colour of Love” (2022), од кои вториот беше аранжиран за џез ансамбл и камерен оркестар со гудачка и дрвена дувачка секција, изведен со познатиот холандски Метропол оркестар.

Токму овој материјал, дополнително обработен за Биг Бенд оркестар од страна на Владимир Николов, Марија Мендеш и Јесе Пасение, ќе биде изведен во оваа специјална прилика, на концертот со Националниот џез oркестар.
Покрај неколку легендарни фадо песни во репертоарот, значајно е што легендарниот Хермето Пашкоал ѝ посвети песна на пејачката со неговата експериментална верзија на фадо, изведена без зборови.

Една од омилените песни на Марија е “Com Que Voz”, стара песна од Португалија чиj текст датира од пред 500 години, напишана од поетот Луиш де Камоеш, кој многумина го сметаат за португалски Шекспир. Оваа песна ја поставува атмосферата за публиката да стане сведок на една незаборавна вечер на музика, каде што богатиот оркестарски звук на Биг бенд оркестарот создава искри кога се среќава со возбудливата интеракција на страстниот глас на Мендеш, кој пее приказни за „saudade“, копнеж и љубов.

Сподели