Прва психолошка помош – Како да бидеме достапна и присутна поддршка во моменти на голема трагедија
Пишува: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог, гешталт терапевт и ЕМДР практичар при Психотерапика
Првата психолошка помош (ППП) е начин да им се помогне на настраданите и преживеаните да обезбедат поголема стабилност на себеси и најблиските во однос на ситуацијата која што ги преплавила, не успеваат и не можат да ја исконтролираат. ППП овозможува поадекватна заземјеност во реалноста, придонесува до поголемо чувство на безбедност и овозможува простор и релација во која настраданиот може да ги искомуницира моменталните потреба, да ги сподели моменталните емоции и да стане посвесен за моменталните можности и ресурси кои се на располагање. Едни од позначајните фактори на одреден дистрес или преживеаност да премине во трауматско преживување е самата изненадност и силината на загубата, огромниот досег на трагичната загуба, присутната и силна немоќ за промена, справување, губење на контрола врз животот и дезориентација. Сепак, треба да се земе предвид дека ППП помош се нуди на лице место на настаната несреќа, а сите други психолошки интервенции се нејзина поддршка. Исто така сакам да истакнам дека доколку е возможно, ППП се нуди првенствено на примарните провајдери на грижа и нега, на сите оние сервиси кои се грижат и ќе ги негуваат настраданите во наредниот период. Тука се вклучени пожарникарите, медицинските лица и лицата од прва медицинска помош, училиштата и класовите во кои учеле настраданите млади и сите вклучени во спасување и моменталната нега и заштита на настраданите, тука се новинарите кои се директно на терен и известуваат за целата трагедија. Тука се и семејствата – поддршка на настраданите семејства, другарите и соучениците на преживеаните, пријателите и роднините на настраданите.
Психолошката поддршка за семејствата и настраданите млади во оваа кобна трагедија во Кочани, се нуди откако и самите ќе излезат од огромниот шок и кога целата потрага и сите информации за реалната состојба со нивните деца не се обезбедат. Овие повредени семејства, како и повредената заедница потребно е да почнат да ги процесираат случувањата и силните емоции кои можеби ќе се одмрзнат по некое време. Во овој момент, она што единствено знаат е дека е потребно да помагаат, да се борат, да се надеваат и да бидат со најблиските. Секој нов кој би им пристапил не би го имал истиот ефект на поддршка, како што може да го има најблиската и најпознатата средина и процедура. Тоа значи дека можеби прва психолошка поддршка може да се даде на тие семејства, пријатели и комшии кои се грижат за настраданите семејства.
Како што имаме прва медицинска помош, така постои и прва психолошка помош. Потребно е сите да имаме одредени познавања за двете, но најсоодветно е доколку се нуди од стручни лица со познавање и пракса во нудење на ППП.
При прва психолошка помош во првиот момент, најзначајно е да овозможиме заземјување, ориентација во околината и поврзување со останатите. Тоа го создава најосновното доживување на безбедност и сигурност. Откако таа сигурност и доверба ќе се обезбеди, се креира простор во кој е безбедно и сигурно да се пријават симптомите на силен дистрес, емоционалната дисрегулација, дисоцираност, замрзнатоста и дереализација. За оној кој нуди психолошка помош, значајно е да знае да ги забележи и разбере знаците на силен дистрес, да го процени интензитетот на емоционалната дисрегулација, како и дисоцираноста и дезориентацијата на настраданиот/те, а притоа да поседува и капацитет и способност да може да ги регулира, како и да остане во нелагодноста и страдањето на другиот, без да притиска истото да заврши многу брзо или да се реши.

При ППП креираме психолошки простор во кој со голема смиреност и достапност стоиме отворени за процесите и состојбите на другиот. Не го притискаме, ниту пак се обидуваме да го спасиме настраданиот од неговото страдање. Тука сме да слушаме, да сочувствуваме, но не и да сожалуваме. Емпатичниот одговор кој во овој момент сме спремни да го пружиме може да биде компулсивен, преуранет и да не го постигне она кое што сакаме да го постигнеме. Во овој случај, да бидеме емпатични значи да бидеме само присутни со сè она што ќе го донесе настраданиот. Тој е можност да бидеме поврзани во заемноста на непријатноста на животот, свесни дека ги разбираме другите во носењето на нивната болка, но не по цена да ја преземеме, промениме и решиме. Некои страдања ќе траат цел живот, ќе го променат и поединецот, но и целиот негов поблизок и поширок систем за цел живот. Затоа, потребно е да се научи повторно како е да се живее со толку голема загуба отколку истата да се заборави или реши истата во најкраток можен рок.
Тука сме со настраданиот да ја слушнеме приказната на страдањето, но и на можноста настраданиот да се поврзе со некоја можност, ресурс и поддршка што му е потребна во моментот на нудење на ППП. Така прашањето на што ти е потребно во овој момент, кога често нема одговор, ја активира потребата некој да биде со него и да сведочи на огромната болка и страдање кое се појавува незапирливо и непредвидливо.
Оној кој нуди прва психолошка помош и самиот треба да е во контакт со сопствената емоционална дисрегулираност и да се обиде да биде присутен за другиот, без потреба да ја посвојува болката на другиот, ниту да ја решава, затоа што самиот има огромна компулсија да ја реши и сопствената нелагодност. Првата психолошка помош се нуди, но може да биде и одбиена. Во тој момент, можеби и навистина не е потреба. Можеби се потребни нешта покрај нашите капацитети на разбирање и помош, нешто толку базично кое овозможува моментално ослободување од болката како избегнување, заборавање, дезориентација, замрзнување, исклучување, испукување на бесот или пак одржување на илузијата дека времето може да се врати назад. Да се излезе од оваа силна траума, значи да се признае болката, да се соочиме со реалноста, а во овој момент, никој од нас не сака да ја признае оваа огромна загуба.
Првата психолошка помош се состои во едноставноста на слушањето, забележувањето, проверувањето, останувањето во контакт, доволната достапеност. Понуди го она што можеш да го понудиш без некои херојски чинови и спасувачки мисии. Доколку настраданиот има потреба од емоционална регулација, биди спремен да понудиш директно поврзување со себе си и својата улога во ППП, заземјувајќи го реалноста, ориентирајќи го во просторот, времето и настаните, барем оние кои што и самиот ги наведува. Исто така е многу значајно да побарате ориентација на настраданиот во однос на неговата моментална состојба и улога, поврзувајќи го со целиот систем и не третирајќи го изолирано доколку почувствувате дека тоа е потребата. Понекогаш е доволно само да молчите во разбирање или поставувате многу кратки и едноставни прашања, или едноставно да ја потврдувате реалноста со зборовите: Тука сум.
Обидете се да НЕ ги користите зборовите на утеха од типот на: „Сè ќе биде ОК“, или „Времето лечи сè“, „Утре ќе ти биде подобро“, „Знам како ти е!“, „Сите страдаме“. Овие зборови и вам во овој момент ви се чинат лажни, нели. Многу посоодветно е да изразиме нашето „Жал ми е!“ или „Можеби никогаш нема да разберам како е да се биде во твојата кожа“, „Тука сум да бидам со тебе на начин на кој на тебе ти одговара во овој момент“, „Не знам како ти е, но го чувствувам длабоко твоето страдање“ или „Не знам како ти е, но сакам да дознаам, доколку ми дозволиш“. Секогаш проверувајте и барајте дозвола доколку сметате дека на каков било начин влегувате во просторот на страдањето во кој настраданиот го има владеењето. Посебно доколку сакате да го утешите со прегратка или допир. Проверувајте дали она што вие го доживувате е нешто што вашиот соговорник го доживува, не го носете на ниво на сопствена интерпретација „Чувствувам некоја огромна тага во твоите градите“ или „Слободно исплачи се, гледам како ти е потребно тоа“ туку повеќе на ниво на доживување, „Кога го споделуваш ова, забележувам како се грчи твоето тело, како остануваш без здив….“ или „ Кога те слушам како ова го зборуваш, чувствува како градите ми се грчат и како се борам со воздух. Се прашувам дали е ова нешто што можеби ти е блиско доживување?“
Неминовно е дека секој што нуди прва психолошка поддршка и самиот ги процесира овие тешки емоции и резонира со настраданите, со силината на трауматскиот настан. Затоа доколку и самиот провајдер на ППП има преживеано слични ситуации или е во близок контакт со настраданите во самата трагедија да побара поддршка и за себе, во случај кога сака да ја понуди на оние на кои им е најпотребно.
Значајно е исто така да се има обзир дека оваа трагедија не е изолиран настан, туку е колективно страдање. Целата заедница се активира во обезбедување на некое олеснување од она од кое што можеби никогаш нема да се олесниме. Воедно, секој граѓанин и посебно секој млад човек во овој момент се изложени на непријатните и честопати силно вознемирувачки информации и слики од медиумите или социјалните мрежи.
Затоа психолошката поддршка се нуди и на пошироката јавност, на младите кои се сведоци на овие немили случувања. Така, во ситуацијата на сè уште непронајдени лица, секој што ја видела сликата на лицето по кое се трага, тргнува и самиот во потрага на тоа лице и го бара во секоја ситуација. Не е исклучиво и многу од вознемирените и анксиозни граѓани и млади да се фиксираат на одредена потрага и по цена на незадоволување на сопствените потреби да се убедуваат дека ќе помогнат во страдањето. Многу често е присутен и феноменот на „вината на преживеаните“ посебно кај оние кои успеале да се спасат од трагедијата или ќе останат со страдањето да се продолжи животот после ова.
Оваа загуба претставува голема и силна трагедија која сите нас нè вознемирува и ангажира на различни начини. Можни се огромни изливи на фрустрација, бес, ретрауматизација, тага, обвинувања, срам, гадење, презир, губење на силата, дезориентираност. Една ваква траума од колективни размери ги буди сите наши претходни болки, страдања и немоќ. Може да нè енергизира во соодветна насока на обезбедување притисок за посоодветни услови за живеење или да нè насочи во деструктивни однесувања кон себе и околината. Потребно е да бидеме свесни дека можеби немаме одговорност во настанувањето на несреќата, но имаме одговорност во однос на репарацијата и соодветните промени. Не треба да се заборави дека во кругот на страдањето, потребно е прво да се обидеме да ги заштитиме настраданите од дополнителни изложувања, провокации, илузии, немир и немоќ, да им обезбедиме простор за процесирање на преживеаното, не заборавајќи ниту релативизирајќи го сето она што се случило.
Доколку не сте остручени, ниту соодветни за нудење на прва психолошка помош, не се обидувајте да го понудите тоа. Бидете комшиите, пријателите и роднините кои на едно хумано ниво ќе обезбедат поддршка и помош тогаш кога настраданите се спремни да ја споделат маката и да ја примат поддршката. Секако треба да знаат дека сте тука за нив.
На сите вас на кои ви е потребна психолошка поддршка, најдобро е да ја побарате и добиете на сервисите кои се понудени од страна на лиценцираните психолози со повеќегодишно искуство во директна работа со клиенти или обучени за нудење на психолошка поддршка во криза или ППП, било преку нивните работни организации и институции и институти.
Посебен повик за вклучување и поддршка на психолозите во здравствените, образовните, одбранбените институции на системот, како и на организациските психолози за поддршка на работодавачите за несреќите на семејствата, помош и поддршка и неможноста да се посветат веднаш на стандардните работни обврски и задачи.
„Психотерапика“ исто така го нуди својот тим на лиценцирани психолози-психотерапевти секој петок во следниве месец дена за настраданите семејства, за младите кои на каков било начин се засегнати со трагедијата, за помагачите кои се вклучени во нудење на заштита и помош, како и за супервизија на психолозите кои работат на терен или пружаат ППП на настраданите. Поддршката е бесплатна.
Ве молиме да нè исконтактирате на вибер за да организираме повик/онлајн средба во петок во периодот од 09:00-16:00 часот. Зависно од бројот на пријавени и потребите, ќе организираме индивидуални и групни средби за процесирање и психоедукација, и поддршка.
Нашите контакти се:
Радмила Живановиќ, лиценциран психолог, гешталт терапевт и ЕМДР практичар. Контакт : 070734512 (viber/whatsapp),
Ивана Маринчек, лиценциран психолог, гешталт терапевт и ЕМДР практичар. Контакт: 078445224 (viber)
Ана Блажева, лиценциран психолог, гешталт терапевт и ЕМДР практичар. Контакт: 072209626 (viber),
Тимот на Психотерапика поседува искуство во примена на ППП, психолошки интервенции во криза, траума сензитивни пристапи меѓу кои ЕМДР. Работи со семејства, млади, помагачи, наставен кадар и психолози-колеги.
Прва психолошка поддршка може да се побара од:
Комората на психолозите, Црвен крст, Универзитетската клиника за психијатрија, Разговор.мк, Меѓаши
фото: Тоше Огњанов





