Преведувачи од повеќе јазици, преку фејсбук-групата „Превод – кога е најпотребен!“ се обединија и повикуваат на пријавување за превод за потребна документација и се што треба за да им се помогне на семејствата чии членови се лекуваат во болници надвор од Македонија, по пожарот предизвикан во Кочани. Ова се јазиците на кои засега е познато дека се потребни: бугарски, српски, грчки, турски, хрватски, холандски, романски, словенечки, литвански, унгарски и германски.
-И бидејќи комуникацијата на болниците со семејствата е клучна, а околностите навистина вонредни и итни, овојпат ќе прифатиме да преведуваме и немедицинска документација, односно комуникација од типот на пораки за е-пошта, други пораки и насоки, и ќе се обидеме да бидеме што е можно пофлексибилни за најдобро да ги поддржиме нашите сограѓани кои поминуваат низ најтешкото. Вршиме мобилизација за да можеме да излеземе во пресрет на поголем број барања одеднаш доколку се појави потреба – велат администраторите на групата.
За да бидеме особено ефикасни доколку се појави потреба за превод во следните 2-3 недели, ве молиме пријавете се со коментар подолу за превод од/на следните јазици (со и без заверка за судски превод), велат.
-Списокот со јазици е ажуриран по конференцијата за медиуми на Министерот за здравство, каде информира дека пациенти се пренесени и во болници во Унгарија, Литванија, Словенија и Австрија. Докторите нека ги спасуваат, а ние да преведуваме. Драги колеги, најдлабоко сочувствуваме со сите сакани на трагично загинатите и повредените сограѓани.
Списокот со јазици ќе го дополнуваме како ќе дознаваме за пациенти кои се испратени на лекување во други држави – велат преведувачите.





